Македонија
24. July 2024 - 16:38

Тошковски: Ова што се случува во затворите е срам за Македонија

Случувањата во затворите се срам за Македонија, рече првиот човек на МВР. Тошковски вели недозволиво е затвореници кои треба да се зад решетки, слободно да се шетаат надвор, да прават сообраќајки и да крадат. Најави дека сѐ ќе биде соодветно процесуирано.

Ова што се случува во затворите е срам за Македонија. Факт е дека она кое беше констатирано во изминатите денови е така како што е. Верувајте ми дека соодветно ќе реагираме за да го расветлиме и овој кривично правен настан“ – Панче Тошковски, министер за внатрешни работи

Тошковски рече оти МВР е должно да ги истражи сите наводи, но за внатрешното функционирање на затворите надлежно е Министерството за правда.

За внатрешното функционирање во рамки на затворите е надлежна е институција која не е МВР, тоа е под министерството за правда. Во делот на откривање на криминал од ваков размер. Во делот на сето ова на кое е сведок јавноста во изминатиот период, апсолутно дека имаме надлежност. И ќе постапиме. Ќе видите“ – Панче Тошковски, министер за внатрешни работи

Затворениците кои не беа пронајдени при контролата на Управата за извршување на санкции се уште се во бегство. Директорот Пандов во гостување во Тема на денот кажа дека избегани се шесторица, а состојбата била дотолку хаотична што клучевите од ќелиите стоеле кај затворениците, а не кај чуварите.

Вчера од канцеларијата на Народниот правобранител за Сител рекоа дека не се изненадени што недостасуваат затвореници, бидејќи и при нивна анализа од почетокот на годинава имало лица кои само на хартија биле во своите ќелии.