Македонија
14. February 2025 - 17:03

Традиционално закројување на лозје во винаријата Монтеко – Кратово

Традионално закројување со чаша вино во кратовско село Железница се одбележа св. Трифун, празникот чиј патрон е заштитник на лозарите. Пространите лозовите насади на винаријата Монтеко, свештеникот ги освети и благослови да има плодна година и богата берба. 

На празникот св. Трифун кој е заштитник на лозјето и лозарите, се врши обредно закројување. Во православието овој светец ги чува насадите од штети и непогоди. Секој од присутните симболично зеде сорче и изрежа гранче од лозата а потоа садницата ја посипаа со чаша црвено вино од истата сорта за плодот да биде квалитетен и сочен. 

Лозовиот насад со грозје од сортата каберне сувињон беше посетен од голем број љубители на виното. Винаријата Монтеко која е основана пред 7 децении, своите лозови насади ги одгледува на специфична почва која се наоѓа на извонредна надморска височина која му дава посебен шмек на виното кое го произведуваат. 

Годинава својот широк спектар на вкусови од  асортиманот на вина го пласираа на вински саем во Париз. 

Винаријата Монтеко има богата ризница на вкусови, белото вино  „Темјаника“ и „Шардоне“, и неколку сорти на црвено вино Филип, Неро, Вранец, Мерло, Совињон. По традиционалното закрујување посетителите продолжија на дегустација во Инглиш Паб Корнер во Кратово. Со здравица за плодна година го одбележаа празникот св. Трифун. Дегустација на винските сорти од винаријата Монтеко имаше и во центарот на градот каде сите жители можеа да вкусат сите сорти на вино. 

Капацитетот на винаријата „Монтеко“ е 100 тони годишно, со што спаѓа во категоријата на мали винарии. Плановите на менаџерскиот тим се да го зголеми производството на 200 тони од оваа година.