Македонија
16. November 2024 - 16:29

Трет ден комисиска расправа за предлог-буџетот за 2025 година

Трет ден комисиска расправа за предлог буџетот за 2025 година. Власта и опозицијата и денеска со спротивни ставови за предвидените пари. Оливер Спасовски од СДСМ буџетот го нарече недомаќински и манипулативен, креиран за предизборни цели во очи локалните избори. На пратениците од ВМРО-ДПМНЕ им рече дека кога беа опозиција најсилно го критикуваа проектот за изградба на коридорите 8 и 10Д, а сега го промовираат.

„Проектите за Бехтел и Енка рековте дека се едни од најкриминалните, дури покриминални и од приватизацијата, а денеска гледаме дека ова се проекти кои се најдобрите проекти за кои може да се пофалите“ – Оливер Спасовски, СДСМ

„Ако го раскиневме договорот, колку ќе требаше да платиме по основ на арбитража? Ќе требаше да им ги дадеме парите кои сме ги фрлиле, 347 милиони долари и плус тие кои ќе ги изгубевме на арбитража. Ние одлучивме да го продолжиме проектот и да оставиме барем неколку автопати за граѓаните и да се договориме со нив, да ги оптимизираме инситуциите и да не ни наплаќаат пенали. Направивме државнички чекор“ – Бојан Стојаноски, ВМРО-ДПМНЕ

Личните квалификации и дофрлувања од место не изостанаа ниту на тема НАТО и Европска Унија. На најавата дека ќе има повеќе пари за овие ставки, дебатата продолжи со оценки кој бил за, а кој против интеграцијата на Македонија.

„Додека вие ги намалувавте ставките за НАТО, за одбрана, за ЕУ, а полна ви беше устата за да може повеќе да крадете, сега тие ставки се зголемени“ – Љупчо Пренџов, ВМРО-ДПМНЕ

„Вие од човек којшто не ги поддржувавте НАТО и ЕУ, сега сакате да се прикажете како човек што ги поддржувате многу? Може да се смеете и вие и сите околу вас, ама факт е дека не ги поддржувавте“ – Оливер Спасовски, СДСМ

„Со тоа што ќе обвинувате и ќе ви се смеат сите овде, човек за нешто што е спротивно од тоа што вие го обвинувате, тоа не ве прави да бидете толку смешен, колку што ве прави да бидете толку многу жален“ – Љупчо Пренџов, ВМРО-ДПМНЕ

Наместо за управувањето со народните пари, времето од говорница се трошеше во читање статистики во чиј мандат имало повеќе убиства, за амнестии, кланови и нарко босови.

„Во однос на платите на образованието еве да ви честитам. Наместо 20%, едвај 5% ги покачивте. И за тоа сакате некој да ви ракоплеска? Кој? Наставниците? Тие кои зависат од тие плати? И за тоа да покажете голема грижа околу ситуацијава. Тоа е истата грижа, за како што сакате да ги нарече „уставобранителите“ и денеска ќе ви беа на слобода со закон за амнестија или пак ќе ја натеравте вашата почитувана Силјановска Давкова да потпише амнестија, ама затоа шефот на кланот Барон е денеска на слобода и се зголемени криминалните пресметки во Скопје“ – Оливер Спасовски, СДСМ

„Додека МВР го работи некој друг, многу попрофесионално додека вие го работевте, се намалени за 50% убиствата, се намалени прекршувањата на јавниот ред и мир. Како што сега се грижите за полицијата, многу ме изненадивте, вака требаше да се грижите во време кога вие го водевте МВР, а во тој период единствена грижа ви беа нарко босовите“ – Бети Стаменковска Трајкоска, ВМРО-ДПМНЕ

Комисиската расправа за Предлог-буџетот треба да заврши најдоцна до 30 ноември по што продолжува на пленарна седница.

Според проекциите на Владата, буџетот за следната година ќе тежи рекордни 6,5 милијадри евра.