Трет состанок на Управувачкиот одбор на Меѓународниот институт за одржливи технологии на ЈИЕ
Во Скопје се одржува третиот состанок на Управувачкиот одбор на Меѓународниот институт за одржливи технологии на земјите од Југоисточна Европа, чија цел е според моделот на ЦЕРН (Европска организација за нуклеарни истражувања) да промовира соработката меѓу науката, технологијата и индустријата и да го поддржува развојот на иновациите.
Институтот, чија мисија е „Наука за мир“ и е поддржан од ЦЕРН, претставува и платформа за едукација на научни работници врз основа на трансфер на знаење и технологии од европските центри и лаборатории. Во него ќе бидат вработени научници и експерти од земјите основачи, меѓу кои и Република Македонија, односно академската и научната фела од нашата земја ќе има свои претставници во стручниот колектив на институтот.
Научниот концепт кој е усвоен и на кој ќе биде базирано неговото работење, предвидува изградба на синхротрон за биомедицинска намена, односно лекување на канцер со хадронска терапија. Се очекува проектот да биде високосамоодржлив затоа што подеднакво ќе работи и како терапевтска алатка и ќе биде посветен на научни истражувања.
Претседателката на Управувачкиот одбор на Институтот и министерка за наука на Црна Гора Сања Дамјановиќ, се заблагодари што третиот состанок се одржува во Скопје, по претходните два во Софија и Тирана. Рече дека регионалниот проект што го иницирале минатата година е фокусиран на истражување од биомедицината - хадронската канцер терапија која, рече, денес е најуспешен инструмент за лекување на болните од рак.
- Денес, на третиот состанок, разговараме за втора подготвителна фаза од овој проект. Иако ова беше само идеја минатата година, за кратко време направивме голем успех, зашто целиот регион на ЈИЕ го препозна значењето на овој проект. Нашиот регион има голем проблем со одливот на таленти. Оваа иницијатива е базирана на најсовремени технологии и ќе овозможи не само да ги задржиме нашите најдобри луѓе во региноот, туку и да ги вратиме оние што ги напуштиле нашите земји. Притоа ќе ги вклучуваме и локалните индустрии, рече Дамјановиќ, посочувајќи дека во светот има 12 вакви проекти, а само четири во Европа.
Пофесорот од Универзитетот во Хамбург и поранешен директор на ЦЕРН Хервиг Шопер изјави дека се работи за уникатен проект за користење на протони во третирањето на канцерот. Според него, значењето на проектот не е само во неговата технолошка и научна придобивка, туку и во спојувањето на политичарите. Притоа спомна сличен ваков проект од пред 15-ина години на Блискиот Исток кога соработката споила и научници и политичари од неколку земји во регионот кои, рече, седнале на иста маса за мирољубиво да дискутираат за идејата на еден проект.
Ваков проект, рече, има бенефит за целиот регион во градењето на научните и технолошките капацитети. Иднината на конкретниот проект - третирање со протони, ја гледа во поврзување не само на научниците како поединци, туку и на онколошките центри.
Домаќинот на настанот, министерот за образование и наука Арбер Адеми, изјави дека со учесниците на состанокот денеска ќе дискутираат за следните предлози, идеи и активности за да се финализира заедничката идеја на земјите кои се обединети во Меѓународниот институт за одржливи технологии на Југоисточна Европа.
- Не е битно каде ќе биде седиштето на Институтот, туку е битно што сите земји кои учествуваме и сме дел од овој проект, ќе имаме свои претставници во управувањето. Со тоа и бенефициите ќе бидат поголеми, рече Адеми во изјава за медиумите.
Ново на Сител
-
Природни катастрофи кои ја одбележаа 2024 година
-
Тема на денот со Татјана Димитровска, претседател на ДКСК
-
Фирмите за унгарскиот кредит ќе аплицираат од јануари
-
Таравари го оцени македонското здравство со “осмица”
-
Власта и опозицијата побараа Ахмети да каже каде е Груби
-
По Буши, се проширува истрагата за кртовите на полициските акции
-
Мицкоски: Ќе се бара одговорност од членови на Судски совет според Устав и законите
-
Агелер за Судскиот совет