Македонија
21. јуни 2016 - 14:46

Туризмот и гастрономијата потенцијали за унапредување на соработката со Алзас

Туризмот, енергетиката, текстилот, машинската и автомобилската индустрија, ИКТ, агробизнисот и производството на храна, се само некои од секторите во кои Македонија и регионот Алзас од Франција може да ја унапредат економската соработка.

Ова го констатираа денеска претставниците од Алзас и Стопанската комора на Македонија. Двете страни, како што рекоа, не се задоволни од досегашните трговски односи и сметаат дека, согласно потенцијалите, може да бидат многу поголеми.

- Можностите за поврзување и регионална соработка се големи посебно во делот на туризмот и гастрономијата. Големи се и можностите за проширување на извозот од македонска страна со понуда во конзервната и кондиторската индустрија, туризмот, текстилот, градежништвото, ИКТ секторот,..., изјави извршната директорка на Стопанската комора Јелисавета Георгиева.

Ако некои фирми не се во можност директно да реализираат соработка, опција е, рече, и регионалното поврзување со земјите од соседството и натамошен заеднички настап. 

- Реална можност за пообемен и поефикасен влез на францускиот, а со тоа и на европскиот пазар се очекува од Конвенцијата за фокална точка потпишана пред две години меѓу Комората и Меѓународната франкофонска организација која предвидува македонските компании да се вклучат во јавните меѓународни тендери низ кои можат да пласираат свои производи и услуги, истакна Георгиева.

На гостите им било предочено дека во Македонија има 16 регионални комори кои може да соработуваат со повеќе региони во Франција, пред се со Алзас. Регионот на Алзас, пак, само од туризмот учествува со 2,1 милијарди евра во приходите.

- Ова покажува дека развојот на туризмот е голем потенцијал за соработка ако се земат предвид и македонските туристички понуди, посочи извршната директорка, додавајќи дека од 2009 година во Стопанската комора е формиран Клуб за соработка со франкофонските земји. Во последните четири години се прават интензивни презентации по региони и сектори за доближување на можностите и унапредување на собработката.

Амбасадорката Лоренс Оер која заедно со регионалниот советник и заменик-претседателот на Агенцијата за промоција на Алзас Мари Рен Фишер, ја предводеше Француската делегација, потенцира дека целта на средбата е унапредување на соработката меѓу регионот Алзас и Македонија.

- Соработката е веќе почната од поодамна, конкретно од пред две години со учеството во Винскиот пат. Во фокусот на денешната средба е остварувањето првични контакти и откривање на сите можности за спроведување и финансирање европски проекти од различни области, потенцира Оер. 

Според Мари Рен, француската делегација ја посети Македонија за да ги запознае нејзините карактеристики, да ги слушне очекувањата и предизвиците на европскиот пат. Покрај промоција на производите од Алзас во Македонија, наскоро се очекува претставување

- Постојат различни области во кои може да се унапредува соработката, но нашата денешна прва посета е меѓусебно запознавање и воспоставување контакти кои, се надеваме, дека ќе резултираат со конкретна соработка, рече Рен. 

Алзас е познат по производството на грозје, пченка, житарки, сливи и други видови овошје, месо, млечни производи, хмељ,...автомобилска индустрија,...

Вкупната трговска на Македонија и Франција во првите четири месеци од годинава е 41,3 милиони долари што е раст од 1,7 отсто во однос на истиот период лани. Остварен е  извоз од 8,2 милиона долари што е пад од 37,5 проценти, додека увозното салдо изнесува 33 милиони долари или 20,4 отсто повеќе. Македонија бележи негативен биланс во трговското салдо од 24,8 милиони долари.

Засега Македонија извезува текстил, вода, машинска и електро-индустрија, а во увозот доминираат фармацевтската индустрија, автомобилите, парфеми. 

Франција моментно е 23 трговски партнер на Македонија.