Балкан
12. October 2020 - 8:56

Турскиот брод „Оруч Рејс“ се враќа во Источен Медитеран

Турција издаде нова навигациска информација (Навтекс) за сеизмички истражувања на бродот „Оруч Рејс“ во Источниот Медитеран од денеска до 22 октомври, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, на неговиот официјален Твитер профил кусо напиша: „Оруч Рејс“.

Новата турска Навтекс, според грчките медиуми опфаќа дел од грчкиот континентален гребен, јужно од островите Родос и Кастеоризо, односно речиси во истиот дел како и навигациските информации издадени во август за истиот брод.

Медиумите во Грција коментираат дека овој потег на Турција претставува нова провокација и ескалација и ги минира закажаните прелиминарни контакти меѓу двете земји.

Од грчкото МНР на 22 септември соопштија дека Грција и Турција се договорија наскоро да го одржат во Истанбул, 61-от круг од прелиминарните контакти.

Министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, во четвртокот се сретна со неговиот турски колега Чавушоглу, а завчера рече дека датумот за прелиминарните контакти треба да го одреди Турција, бидејќи е домаќин на средбата.

– Турската страна, господинот Чавушоглу, се обврза да предложи конкретен датум. Следната средба ќе биде во Турција, според редоследот, бидејќи последната, во 2016 година беше во Атина, па така Турција, која ќе биде домаќин на следната средба, треба да одреди и соодветен датум. Очекуваме од турската страна, рече Дендиас.

Последен пат прелиминарни разговори меѓу Анкара и Атина беа одржани во 2016 година.