Македонија
25. September 2024 - 11:09

Уставниот суд расправа по иницијатива за постапувањето на телекомуникациските оператори со податоците за претплатниците

Уставниот суд расправа по иницијативата за Законот за електронски комуникации кој пропишува обврска за телекомуникациските оператори да задржуваат податоци за електронските комуникации на сите претплатници во период од 12 месеци, без судска одлука за тоа.

Во иницијативата, покрај гореспоменатиот член 178 од Законот за електронските комуникации се оспорува и член 176 став 3 од истиот закон кој пропишува дека операторите се должни задржаните податоци за електронските комуникации на претплатниците по барање да им ги достават на надлежните органи по услови и постапка утврдени со закон. При што и оваа одредба од Законот не предвидува постоење на судска одлука за вака задржаните податоци, поради што и членовите 176 и 178 од Законот за електронските комуникации не се во согласност со член 17 од Уставот, стои во иницијативата.

Подносителите на иницијативата сметаат дека оспорените одредби од Законот не содржат доволно гаранции против евентуална злоупотреба од страна на овластениот орган со дадената техничка можност за континуирано и самостојно следење на електронските комуникации на граѓаните, како и при прибирањето на потребните податоци во врска со остварена комуникација. Во отсуство на јасни законски одредби во врска со следењето на комуникациите, постои ризик за создавање наограничена моќ, во спротивност со принципот на владеењето на правото и човековите права на приватност и заштита на личните податоци. 

Подносители на иницијативата се ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии од Скопје, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија од Скопје, Асоцијација за развојни иницијативи – Зенит Скопје од Скопје, Форум за истражување на безбедносни политики СЕКУРИТАС од Битола и професор д-р Трпе Стојановски од Скопје.