Македонија
18. јуни 2016 - 19:11

Утре е голем православен празник, еве што треба да направите

Православните верници утре го прославуваат еден од најголемите празници во православието, Духови, Тројца или Слегување на Светиот Дух врз Апостолите.

Духови, Тројца, Слегување на Светиот Дух врз апостолите е празник кој претставува роденден на христијанската црква, а се слави 50.ден по Велигден и се нарекува Педесетница. 

Новозаветната Педесетница е денот на славното исполнување на ветувањето за Христовото испраќање на Светиот Дух врз апостолите. Ова е крајно радосен, извонреден и утешителен настан. Куќата во која тие пребиваат еднодушни одеднаш е преисполнета со шум од небото, сличен на силен ветар, а разделени јазици, како огнени, се спуштаат врз секого од учениците. Од ова тие се исполнуваат со Дух Свети и почнуваат да го благовестат Евангелието на разни јазици, онака како што Светиот Дух им даваше да изговараат. За разлика од мистиката на Успението на Пресвета Богородица, на пример, при доаѓањето на славата на Господ и другите одондестрани и чудесни појави кое им се открива како видение на некои од присутните, настаните на Педесетница стануваат очигледни за сите, не само за достојните. За да ги видат, на ерусалимјаните не им беше неопходен духовниот вид, иако на виденото не дадоа сите еднаков духовен одговор. Значи, зборувањето на сите јазици на кои луѓето од Ерусалим зборуваа (бидејќи во него живееја дојденци од разни краеви) едни го гледаа како прекрасно чудо, други како знак на пијанство. Петар вдахновено го објаснува настанот и ги упатува на пророштвата за овој настан до Избраниот народ дојдени преку Пророкот Јоил. Благовеста на Петар допре до срцата на многубројните луѓе што го чуја и тие го примија покајанието заради името на Исуса Христа. Во тој ден се крстија и присоединија кон Црквата Христова околу три илјади души. Оттогаш наваму Педесетница се смета за роденеден на црквата Божја. За првпат по падот човекот ипостасно Го прима Светиот Дух и ја добива полната и реална можност да живее според благодатта.

Педесетница била еврејски ден за молитви и народот требало тогаш да се радува пред Господ. Посебна карактеристика на празнувањето било принесување на два квасни лева од ново пченично брашно добиено од првата жетва.

Со нив биле принесувани и две јагниња, како жртви на помируваање, и сето тоа било носено пред Бога и давано на свештениците, а бидејќи лебовите биле квасни, не можеле да бидат принесени на олтарот (жртвеникот).

Биле принесувани и други жртви: теле, два овни и седум јагниња како и јарец жртва за гревот.

Се верува дека во овој период пред и по празникот владеат моќни енергии. Затоа во народот е врежан обичајот да се посетуваат манастири за да се побара прошка за гревот или лек.

На големиот празник Света Тројца народот традиционално ги посетува истоимените манастири и бара проштевања на гревовите или лек за болести.