Македонија
14. February 2025 - 17:03

Валентајн: Празник на љубовта или потсетник на осаменоста?

Додека 14 февруари за некои значи романтични вечери, подароци и љубовни пораки, за други е само уште еден ден што ја нагласува празнината. Во свет каде што продавниците се преплавени со срциња и рози, осаменоста станува тивок, но сè поголем проблем.

Истражувањето на европската комисија за минатата година покажува дека Европа се соочува со епидемија на осаменост, па Велика Британија уште во 2018 година дури именуваше и министер за осаменост. Но, овој проблем не секогаш изгледа очигледно.

Во модерното време, осаменоста не значи само празен стан. Таа може да се крие и зад пренатрупани агенди, амбициозни цели и постојана трка за успех. Парадоксално, најгласните простори—канцелариите, социјалните мрежи, дури и видео-повиците можат да бидат најтивки кога станува збор за вистинска човечка поврзаност.

Психолозите алармираат дека ова не е само моментален тренд, туку длабок социјален проблем што може да влијае на менталното здравје и квалитетот на животот.

Технологијата нè прави постојано поврзани, но ретко навистина блиски. Разговорите сè почесто се сведуваат на пораки, а дружбите се заменуваат со лајкови. Ова особено се чувствува кај младите, велат психолозите. 

Но, ако нешто беше јасно од денешната анкета, тоа е дека љубовта е основа за среќен живот. Без разлика дали станува збор за љубов во врска, семејство или пријатели, сите кои ги прашавме се согласија: љубовта е клучна во сечиј живот.

Валентајн можеби е ден за љубов, но и повод за размислување – дали во потрагата по успех и во виртуелниот свет, сме заборавиле на она што навистина не поврзува?