Балкан
4. January 2016 - 12:33

„Велт“ предвидува нов судир меѓу Грција и нејзините кредитори во 2016 година

Германскиот канцелар Ангела Меркел во текот на 2016 година ќе биде исправена пред нови предизвици во однос на Грција, прогнозира германскиот весник „Велт“, цитиран од грчкото издание њуз.ин.

„Во 2016 година ќе дојде до нов судир меѓу Грција и нејзините кредитори“, пишува весникот, искажувајќи мнение дека решавачка за тоа ќе биде оценката на институциите за напредокот на грчката реформаторска програма. Весникот очекува кредиторите оваа оценка да ја дадат во текот на април или најдоцна до крајот на првото шестмесечие.

Од оваа оценка зависат многу нешта, а конкретно: дали ММФ ќе учествува во третиот спасувачки пакет. Тоа ќе се случи само доколку кредиторите проценат дека Грција ги исполнила своите обврски.

Од тоа учество на фондот, пак, зависи дали парламентарната група на германските конзервативци ќе ја даде својата согласност за спроведувањето на останатите транши од заемите за Грција според третиот спасувачки пакет.

„Велт“ предвидива дека доколку Атина привремено го одложи спроведувањето на реформите што и се бараат, можно е да се засили незадоволството меѓу пратениците од парламентарната група на Меркел заради нејзината политика кон Грција.

Истовремено, федералната германска Влада нема да може да го изврши истиот притисок врз Грција, како пред една година. И тоа, затоа што Берлин има потреба од Атина поради бегалската криза за зачувување на надворешните граници на Европската унија, смета германскиот весник.