Македонија
24. August 2015 - 18:27

Вицепремиерот Бесими се сретна со министрите Митов и Бушати

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања Фатмир Бесими, денес во  Секретаријатот за европски прашања оствари работни средби со министерот за надворешни работи на Република Бугарија Даниел Митов и со министерот за надворешни работи на Република Албанија   Дитмир Бушати.

Како што соопштуваат од СЕП, на средбите е дискутиран развојот на билатералните односи преку потенцијалот за нивно понатамошно продлабочување низ клучните теми поврзани со процесот на евро-атланска интеграција на Република Македонија и преку директна поддршка од овие две соседски пријателски земји.

На средбите беше констатирано дека билатералните односи се на високо ниво, но дека во овој важен период за Република Македонија, кога се бараат излезни патишта за актуелната политичка состојба, со поддршка на структурите и инструментите на ЕУ, Македонија ја очекува безрезервната и конкретна практична поддршка за нашите евроатлански интеграции.

Покрај билатералната соработка, беше истакнато значењето и важноста од континуирано продолжување на регионалната соработка, потпомогната и со Берлинскиот процес, во насока на поголема меѓусебна поврзаност како и  потребата од што поскоро исполнување на европските стандарди и членство на сите земји од Западен Балкан во Европската Унија, што ќе придонесе кон подобра иднина, мир, стабилност, економски развој и напредок.

Беа разгледани и можностите за искористување на средства од Инвестициската рамка за земјите од Западен Балкан 2015 (WBIF 2015) за големи инфраструктурни проекти на земјите од Западен Балкан.

Истовремено, беа дискутирани и приоритетите на долг и среден рок опфатени во рамки на Западен Балкан (WB 6), каде Коридорот 10 и Коридорот 8 се потенцираа како приоритетни и истите ќе бидат презентирани на Европската Комисија на претстојниот Самит во Виена, кој треба да се одржи оваа недела. Во таа насока, Македонија е во очекување на финализирање на конкретните одлуки, во рамки на состаноците на Виенскиот Самит и нивна што побрза реализација со поддршка од фондовите на Европската Унија и меѓународните финансиски инструменти.

Фокусирајќи се на статусот на клучните реформи во процесот, Вицепремиерот истакна дека европската интеграција  била и ќе остане клучен стратешки приоритет на Република Македонија. Склучувањето на договорот за надминување на политичката состојба и предизвиците е доказ за свесноста и посветеноста на политичките лидери во земјата во евро-атланската  перспектива.

Договорите потпишани од страна на главните политичките лидери даваат насоки за областите во кои треба да се фокусираме и временската рамка во која треба да се преземат конкретни активности. Тука спаѓаат и Листата на итни реформски приоритети и Извештајот на групата високи експерти за состојбите со следењето на комуникации. Документите  претставуваат патоказ за работа на македонските институции кои и покрај сериозните политички предизвици со кои се соочуваа во изминатиот период, прават максимални напори да останат фокусирани на реформскиот процес и во вакви услови да обезбедат исполнување на реформската агенда.

На состанокот беше дискутирaн и инстриментот ИПА, можностите за негово поефикасно искористување, ИПА програмите за прекугранична соработка со Бугарија и Албанија како и инструментите ТАЕКС и ТВИНИНГ со Бугарија