Македонија
19. December 2016 - 15:09

Вкупно 750 илјади евра за инфраструктурни проекти во Сушево

При крај е асфалтирањето на улицата во Сушево за што се обезбедени 22 милиона денари од кои 20 милиони преку Агенцијата за развој на земјоделството и руралниот развој и два милиона денари од општинскиот буџет.

Според градоначалникот на Општина Василево Ванчо Стојанов, улицата е опремена со 1,5 метар широка пешачка патека, атмосферско одводнување и 37 канделабри.

- Годинава во Сушево имаме инвестирано 750 илјади евра. Како резултат на последиците од поплавите од 2011 и 2013 година, во разговор со граѓаните заклучивме дека треба да се реши проблемот со одводнувањето. Затоа пристапивме и кон проект за регулација на речното корито. Тоа е суводолица која во време на дождови е полнеше и го поплавуваше селото. Сега тоа е минато, рече Стојанов.

Во подготовката на техничката документација се внимавало, додаде, на регулацијата. Речното корито да може да биде со капацитет за прифаќање 100-годишни води.

- Со реализација на овие два проекта и со дополнително обезбедените средства за изградба на мост кој ќе ги поврзува жителите од двете страни, сметаме дека создадовме услови за поквалитетен живот, но и безбеден сообраќај за целото село, истакна Стојанов.

При крај е и подготовката на техничката документација за проширување на патот од клучката Владевци до центарот на Сушево.