Македонија
16. October 2024 - 16:53

Владата не поддржува пандан на МАНУ, Вреди не доби поддршка ниту од опозицијата

Премиерот не се согласува со политиките на коалициониот партнер Вреди кои најавија дека ќе финансираат здружение на албански академици со општински пари. Мицкоски смета дека таквите теми предизвикуваат поларизација и етнизираат. Го повтори ставот на Владата и ВМРО ДПМНЕ во однос на идејата за формирање пандан на МАНУ.

Ставот во однос на финансирањето го делат и од СДСМ кои нема да го поддржат проектот во општините. Лидерот на СДСМ категорично се спротивставува на идејата за формирање на паралелна нова Академија за науки и уметности

Преседан е создавање на "етнички чисти" институции, а оваа иста идеја недвосмислено беше и претходно отфрлена од актуелните академици. СДСМ нема да поддржи никаков паралелизам во институциите. Науката не смее да се етнизира на ниеден начин и во ниеден случај. За СДСМ и за мене како претседател ова е тенденциозна политичка порака која им служи единствено на намерите за поттикнување на поделби кои носат огромна штета за граѓаните и општеството.  

Од ДУИ пак критикуваат дека идејата за академија спаднала на ниво на невладина организација и тие нема да поддржат вакви проекти.

Официјален став од МАНУ нема по последните случувања.

Академик Абази кој има потпретседателска функција во МАНУ не е запознаен со работата на ова здружение но смета дека нивната работа не може да се гарантира на долг рок ако се земе предвид дека треба да зависи од волјата на партиите и во иднина. Абази за Сител вели има пропусти во МАНУ во однос на бројот на членови по етничка основа но не знае од кои причини не биле примени  нови од оние кои конкурирале.

Од Вреди преку соопштение информираат дека албанската академија е исклучиво научен проект во кој учествуваат интелектуалци кои биле системски дискриминирани во МАНУ.

„Додека МАНУ покажува инертност за реформи и одбива да ја прифати сегашната фактичка состојба, албанските интелектуалци се принудени да создадат платформа која нема да работи според политички или етнички критериуми, туку само врз основа на науката.

Од Вреди им порачаа на колегите политичари наместо да критикуваат да се охрабрат и да ја поддржат иницијативата за да се најде правично решение за претставување на Албанците во највисоките академски кругови.

Инаку од 2007година во  Македонија функционира Институт за духовно и културно наследство на Албанците кој се занимава со научно истражувачки теми во повеќе области, токму на  оние за кои реагираа од здружението дека не добивале простор за унапредување.