Бизнис
30. March 2018 - 12:57

Во јавниот сектор во Македонија има 139.009 вработени

 Бројот на вработени во јавниот сектор изнесува 139.009 согласно состојбата до 31 декември 2017 година, изјави денеска на прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, презентирајќи го Годишниот извештај од Регистарот на вработени во јавниот сектор.
 
Истакна дека вкрстената анализа на МИОА, Агенцијата за вработување на РМ, Министерството за финансии и Фондот за здравствено осигурување покажува дека јавниот сектор на Македонија има 1.299 институции во кои работен однос имаат засновано 128.722 лица.
 
- Преку агенциите за привремени вработувања во институциите на јавниот сектор работно ангажирани се вкупно 1.624 лица и тие немаат статус на вработени во јавниот сектор и не влегуваат во анализите во овој извештај, истакна Манчевски.
 
Како за  споредба, додаде Манчевски, преку Агенција за привремени вработувања до мај 2017 ангажирани биле 2.064 лица. Посочи дека во акционерските друштва со стопроцентна државна сопственост има 8.633 вработени, а преку агенциите за привремени вработувања уште 30 вработени.  
 
Според него, за разлика од бројките заклучно со декември 2016 има намалување на бројот на вработени во јавниот сектор за 951 и по повеќе децении се забележани надолни трендови во вкупниот број на вработени во јавниот сектор.
 
Посочи дека причина за оваа помала бројка е природниот одлив, или преку пензионирање или преку одлив во приватен сектор, и оти вработувањата се вршат врз основа на потребите на институциите, а не преку партиските потреби.
 
Во поглед на половата застапеност во јавниот сектор 54 проценти се жени, а 46 отсто се мажи. Според етничката припадност Македонци има 75,36 проценти, Албанци 19,31, Турци 1,84, Роми 1,14, Срби 0,91, Бошњаци 0,39...
 
Во поглед на образованието во јавниот сектор има 42,45 проценти вработени со високо образование, додека со средно се вработени 34,81 процент.