Македонија
23. December 2016 - 15:05

Во Кавадарци „Биди поразличен-дочекај ја Нова година со спорт”

Под мотото “Биди поразличен-дочекај ја Нова година со спорт”, денеска стотици деца од Основното општинско училиште „Страшо Пинџур“  од Кавадарци спортуваа и на тој начин упатија порака дека спортувањето е пример,  како на здрав начин може да се поминат предновогодишните денови. Настанот се одржа во спортската сала “Партизан”. 

-Нашите ученици ја покажаа својата детска креативност и спремност преку игра и спорт да се вклучат во дочекот на Нова година. Во ова манифестација се вклучени сите ученици од прво до петто одделение  заедно со своите наставници. Целта ни е преку игра и рекреација на поинаков начин да ја дочекаме Нова година. Теренот е поделен на осум секции, а секоја од нив  содржи посебна активност која треба да се заврши за да се постигне резултат. Сето ова  е организирано на начин соодветен на возраста на децата, рече  наставничката Софија Јосифова, која ги координираше сите поединости на овој проект.

На трибините имаше  родители, баби и дедовци, роднини на децата. Атмосферата беше предновогодишна и спортска. Најмалите од прво одделение  на почетокот изведоа посебна игра со новогодишна кореографија.