Македонија
4. September 2017 - 16:06

Во Крива Паланка 179 првачиња

Со свечен прием во  основните училишта  „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“ во Крива Паланка денеска беше означен почетокот на првиот училишен ден за 179-те првачиња кои ќе посетуваат настава во новата учебна 2017/2018 година.

Градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, им посака на сите ученици многу здравје и успех, со елан и детска љубопитност за усвојување нови знаења. Од локалната самоуправа на општината, Алексовски им подели на сите првачиња училишен прибор.

Бројот на првачиња во основното општинско училиште Илинден изнесува 73, додека во Јоаким Крчовски настава ќе посетуваат 106 првооделенци.

- Им посакувам успешен почеток на новата учебна година на сите ученици, пред се на првачињата во усвојување на нови знаења, од областа на природните и општественитe науки, како и на животни вештини. Годинава имаме запишани 106 првачиња, од кои настава во централнито објект ќе следат 96 дечиња, додека останатите ќе учат во подрачните училишта, изјави директорот на ООУ „Јоаким Крчовски“, Драги Ристовски.

Бројот на запишани првачиња во „Јоаким Крчовски“ е зголемен за пет споредено со лани.

Во ООУ„Илинден“ пак, се запишани само 73 првачиња, односно 28 помалку во однос на учебната 2016/2017 година. Во централниот објект на ООУ „Илинден“ настава ќе посетуваат 50 првачиња, додека другите  ќе учат во подрачните училишта во селата Конопница и Мождивњак.

Директорот Оливер Дејановски, информира дека во текот на летото извршена е реконструкција на санитарни јазли во еден блок на зградата на централниот објект.

- Летото извршивме неколку реконструктивни зафати, покрај санитариите во централното училиште, во тек е реконструкција на тоалети и во училишната спортска сала, во подрачното училиште во Конопница беше направена обнова во спортската сала исто така, додека во Мождивњак се направени нова машка и женска гардероба, додаде Дејановски.

Најави дека во наредниот период ќе се врши и замена на дотраената подна конструкција на спортската сала во централниот објект, за што веќе се обезбедени средства од училишниот буџет.