Македонија
27. August 2019 - 14:40

Во Штип јавна расправа за Студијата за животна средина за изградба на брана на река Отиња

Во Општина Штип денеска се одржа јавна расправа за Студијата за оцена на влијание врз животната средина за изградба на насипна брана со придружни објекти на река Отиња.

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски истакна дека ова е уште еден чекор поблиску до комплетирање на техничката документација, со која е потребно да се добие градежната дозвола. Во тек е и ревизијата на Деталниот урбанистички план, по што треба да се добие и согласност од Министерството за транспорт и врски.

– По оваа јавна расправа за Студијата за оцена на влијанието врз животната средина да добиеме и согласност од Министерството за животна средина и тоа ќе биде уште еден документ, којшто ќе биде составен дел на основниот проект, што потоа ќе биде предаден во Министерството за транспорт и врски за добивање одобрение за градење на овој многу важен и значаен проект за Штип и штипјани, а тоа е браната на река Отиња, вели Бочварски.

Инаку, изработката на Студијата за животна средина е финансиски помогната од Министерството за земјоделство, со што, како што вели Бочварски, не се дозволија дополнителни трошоци од штипскиот буџет.

– Можам да ја информирам јавноста дека ние веќе испративме допис до Владата, со кој побаравме овој проект изградба на брана на река Отиња да влезе во ребалансот на буџетот, што очекувам да се случи во септември или октомври. Ние ги спазуваме сите норми прописи, коишто веќе ги договориме со премиерот Заев за да влеземе што е можно поскоро во реализација на овој објект, појаснува Бочварски.

Тој очекува до крајот на годината да се добие дозволата за градба и да се почнат тендерските постапки за изградба на овој капитален проект за Општина Штип.

-На почеток на наредната би можеле да очекуваме да го видиме првиот багер, со што ќе се започне со изградбата на браната, вели Бочварски.

Според проценките на екпсертите, но и во зависност од фирмата кшто ќе биде избрана на тендерска постапка се очекува браната комплетно да се изгради за две години.

Менка Спировска од  фирмата што ја изработи Студијата за оцена на влијание врз животната средина, вели дека според овој документ браната на река Отиња ќе има позитивно влијание, со што ќе се обезбеди биолошки минимум во реката Отиња, но и ќе ги собере големите води во текот на зимскиот период за да не се случува поплавување.

-Второ ќе се промената климатските карактеристики во регионот во смисла на поголема влажноста, а присуството на вода е секогаш добредојдено и за жителите, вели Спировска.

Брана на река Отиња предвидено е да се гради во три фази. Овој проект со години штипјани го бараа од локалните власти.