Живот
30. March 2016 - 19:02

Во Сибир пронајден фосил на еднорог

Големи четириножни животни со еден рог, кој им растел од черепот, живееле на подрачјето на Западен Сибир до многу подоцна, отколку што досега се мислеше, тврдат палеонтолозите. 

Имено, досега се веруваше дека еднорозите изумреле пред 350.000 години, но неодмана во Казахстан е откриен фосил, кој укажува дека тие живееле во регионот до пред 29.000 години. 

Фосилните остатоци од добро зачуван дел од череп, укажуваат дека праисториските еднорози биле силни животни и воопшто не личеле на елегантните и грациозни митолошки коњи со еден рог опишани во приказните и насликани на средовековните таписерии, пишува порталот ЛајвСајнс.

Иако е наречен Elasmotherium sibiricum, односно Сибирски носорог, овие животни биле многу поголеми од кој било друг вид современ носорог. 

- Димензијата на пронајдените фрагменти укажува дека черепот му припаѓал на голем возрасен мажјак, вели Андреј Шпански, палеонтолог од Универзитетот во рускиот Томск. - Со своите димензии овој носорог е поголеми од кој било досега опишан во литературата, додава Шпански. 

Elasmotherium sibiricum живеел на подрачјето од реката Дон во јужна Русија, до денешен источен Казахстан. 

Преку радиокарбонското датирање, научниците утврдиле дека овој примерок на носорог угинал пред 29.000 години, односно многу подоцна од што досега се веруваше дека видот е изумрен. 

Ако новата пресметка е точна, тоа значи дека сибирските еднорози и модерниот човек во одреден период живееле заедно на земјата. 

Според неодамнешни истражувања, утврдено е дека модерните луѓе го населиле Сибир пред 45.000 години.