Македонија
11. February 2019 - 8:34

Во Струга по 10-ти пат Школа за млади лидери

 Четириесет учесници и повеќе од 20 предавачи од Македонија, Европа и светот ќе бидат дел од 10 -та Школа за млади лидери, што по иницијатива на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, ќе се одржи од денеска до 22 февруари во Струга.

На свеченото отворање, најавени се обраќања на претседателот Иванов и на претседателот на Tag-org глобалната организација за професионални услуги и едукација Талал Абу-Газалех. На првиот ден на Школата, како што соопшти Кабинетот на претседателот, предавање ќе има извршниот директор на ТАВ аеродроми Сани Шенер, а ќе се одржи и панел дискусија за „Предизвиците на 4 -та индустриска револуција“, тема што ќе биде во фокусот на десеттата Школа за млади лидери.

Програмата на школата, како што е наведено во најавата, опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.

Меѓу предавачите на годинашната Школа за млади лидери се Пинар Ајваз Арикан, генерален директор на Turkish Airlines во Скопје, Штефан Петер, претседател на извршниот одбор на ЕВН Македонија, Фанија Самак од компанијата Микросам од Прилеп, Нина Ангеловска, коосновач на Grouper.mk, Љупка Арсова, инженер за животна средина во Источната истражувачка група, со седиште во САД, Разије Невзат, координатор на одделот за социјални медиуми и дигитален маркетинг на Источен медитеран универзитет, Хозе Антонио Моралес, директор на Lincoln Island Initiatives, со седиште во Словенија, Рашела Мизрахи од Бар Илан Универзитет, Израел, Методија Колоски, претседател на Обединетата македонска дијаспора, Тонис Нирк, дипломатски претставник за дигитална економија од Естонија…

Во рамки на 10 -та Школа за млади лидери, учесниците, според најавата, ќе го посетат новиот аеродром во Истанбул, отворен во октомври 2018 година, каде ќе бидат запознаени со неговото менаџирање како најголем аеродром во светот, а ќе го посетат и седиштето на авиокомпанијатаТуркиш ерлајнс .

Во изминатите девет години на Школата за млади лидери учествувале 360 млади луѓе и над 200 реномирани предавачи, меѓу кои поранешниот Генерален секретар на ОН, Бан Ки-мун, поранешни претседатели на Чешка, Латвија, Србија, Бугарија, Албанија Вацлав Клаус, Ваира Вике – Фреиберга, Валдис Затлерс, Борис Тадиќ, Георги Прванов, Петар Стојанов, Бамир Топи и Реџеп Меидани, поранешниот потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија, Франко Фратини, претседателите на Светската и на Европската академија на науките и уметностите, Иво Шлаус и Феликс Унгер, како и голем број амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети.

Школата за млади лидери беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот форум на бизнис ангели, а по тој повод оваа организација во 2018 година на претседателот Иванов му ја врачи наградата за „Најдобар светски лидер“, кој инвестира во новата генерација.

Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, каде низ семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани, се овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини.