Вонредните избори во Северна Ирска ја продлабочија политичката криза
Вонредните избори за нов состав на Собранието на Северна Ирска, што се одржаа минатиот четврток, не само што не ја разрешија политичката криза во оваа британска покраина, туку уште повеќе ја продлабочија, затоа што не дадоа вистински победник, оценуваат лондонските медиуми.
Најмногу пратенички места и во овој собраниски состав има Демократската унионистичка партија (ДУП) на локалните протестанти, но таа предност сега е сведена на само еден пратеник, пред републиканската партија Шин Феин на северноирските католици.
Засилената позиција на Шин Феин и значително ослабената положба на ДУП, која ја загуби досегашната предност во Собранието од десет пратеници, ја прави политичката криза, која и предизвика одржување вонредни собраниски избори, да биде практично неразрешлива.
Овие избори се одржаа само десет месеци по претходните редовни избори во мај минатата година, откако заменик првиот министер од редовите на Шин Феин, Мартин Мекгинис поднесе оставка.
Повод за оставката беше барањето на Шин Феин да се покрене истрага околу еден корупциски скандал со кој се врзува доскорешната прва министерка од ДУП, Арлен Филипс.
Кога таа и ДУП одбија да ги прифатат барањето на Шин Феин, Мекгинис се повлече од функцијата, по што, по автоматизам, според договорот за поделба на власта во Северна Ирска, падна Владата, па мораше да се одржат избори.
Гласачите ја казнија водечката унионистичка партија, која овој пат освои само 28 пратенички места (Шин Феин има 27), но спогодбата за Северна Ирска и во ваква ситуација предвидува лидерот на ДУП да биде прв министер, додека предводникот на Шин Феин, да ја има функцијата заменик прв министер.
Засилените републиканци, меѓутоа, сега не прифакаат да учествуваат во поделбата на власта, доколку Филипс биде одново номинирана за прв министер и инсистираат прво работите околу нејзнината вмешаност во скандалот целосно да бидат расчистени. ДУП, пак, категорично порачува дека нема да прифати смена на Филипс, за сметка на формирањето нова влада.
Според мировните договори и договорот за поделба на власта, предвидени се три недели за формирање влада. Доколку тоа не се случи, тогаш управувањето со покраината, како привремена мерка, ќе го преземе Владата во Лондон, што би били прв таков случај по десет години.
Длабоката криза во покраината, доаѓа во време кога Велика Британија се подготвува да ги почне преговорите за Брегзит со ЕУ.
Унионистите од ДУП, на референдумот за ЕУ на 23 јуни минатата година, беа за напуштање на Унијата, а Шин Феин беше против. Големо мнозинство католички гласачи, како и не мал број протестанти, се определија против Брегзит, па на крајот мнозинството Северноирци гласа за останување на Обединетото Кралство во ЕУ.
Ново на Сител
-
Муртезани: Предвремени избори при стабилна влада се несериозни изјави за дневна политика
-
Бројот на загинатите во Либан од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хезболах е над три илјади
-
Дала воена информација на Русија: Украинка осудена на 15 години затвор под обвинение за предавство
-
Совет за безбедност: Состојбата во земјата е стабилна, надлежните институции редовно ги следат состојбите во државата
-
71-годишен маж од Делчево нападнал дете
-
Скопјанка нападната во казино во Шутка
-
Баба и млад скопјанец се судриле со автомобилите, па физички се пресметале
-
Горан Весиќ најави оставка од функцијата министер за градежништво на Србија