Вработени во МВР останаа без здравствено, ФЗО вели дека не им се платени придонесите
Фондот за здравствено осигурување ја информира јавноста дека состојбата со здравственото осигурување на вработените во Министерството за внатрешни работи не е резултат на технички проблем или застој во системот на Фондот.
„Според податоците евидентирани во системот, во Министерството за внатрешни работи се регистрирани вработени кои се вратени на работа врз основа на судски одлуки. За дел од овие лица во моментот не е евидентирана соодветна уплата на придонесите за здравствено осигурување за периодот за кој се пријавени“, велат од ФЗО.
Појаснуваат дека станува збор за системски воспоставен механизам кој подеднакво се применува за сите правни субјекти во државата.
„Пријавувањето на вработените, пресметката и уплатата на придонесите се процеси поврзани со системот за наплата на придонесите преку Управата за јавни приходи, додека Фондот го евидентира статусот врз основа на податоците за извршената уплата. Во вакви случаи, кога кај правен субјект дополнително се пријавуваат вработени за претходен период, потребно е да се изврши соодветна корекција на пресметката на плата за тој период и да се доплатат придонесите и за дополнително пријавените лица. По евидентирањето на уплатата, здравственото осигурување се активира автоматски“, се наведува во соопштението.
Од ФЗО велат дека не станува збор за поединечна административна одлука на Фондот, ниту за рачно исклучување на осигурениците од страна на вработените во ФЗО и појаснуваат дека процесот е системски и автоматизиран и истите правила важат за сите работодавачи и институции без исклучок.
Велалт дека Фондот и самиот во минатото се соочил со идентична ситуација кај сопствените вработени, што, како што велат, дополнително потврдува дека механизмот се применува еднакво за секој правен субјект.
„Кај институции со голем број вработени, како што е Министерството за внатрешни работи, дополнителното пријавување лица по основ на судски одлуки може да има поширок ефект доколку навремено не се изврши потребната корекција и уплата на придонесите. Во моментов, претставници на Фондот и на Министерството за внатрешни работи се во директна координација за спроведување на потребните постапки и надминување на состојбата во најкраток можен рок. Фондот ги стави на располагање сите потребни податоци и стручна поддршка во рамките на своите надлежности“, се наведува во соопштението.
Фондот истовремено апелира до сите институции и работодавачи, при враќање или дополнително пријавување вработени за претходен период, особено врз основа на судски одлуки, паралелно и навремено да ги спроведат потребните корекции на пресметката и уплатата на придонесите. На тој начин, велат од ФЗО, ќе се избегнат ситуации во кои привремено може да биде засегнат статусот на здравственото осигурување и на останатите вработени.
„Апелираме ова прашање да не се политизира и да не се создава непотребна загриженост кај осигурениците. Станува збор за јасно утврдена системска постапка која подеднакво важи за сите правни субјекти, а по евидентирањето на потребната уплата здравственото осигурување автоматски се активира“, велат од Фондот.
Ново на Сител
-

Две лица загинаа во пад на мал авион на Велебит во Хрватска
-

МВР: Синоќа изречени 262 санкции за сообраќајни прекршоци во Скопје, шест возачи лишени од слобода
-

АМСМ: На Табановце за влез и излез во земјава и на Богородица за излез се чека од 40 минути до еден час
-

Активни девет пожари, два се под контрола, а 16 се изгаснати
-

САД и Канада не успеаја да постигнат трговски договор, канадскиот премиер најави контра царини за Вашингтон
-

Вирусот Западен Нил се шири низ Европа, најмногу случаи во Италија и Грција
-

Шеснаесет маратонци денеска ќе пливаат на 39. Охридски пливачки маратон
-

Одбележување на 25-годишнината од формирањето на ЕБР
