За да земаат поголеми плати, судии бараат од Уставен да ги укине намалените коефициенти за пресметка
Судии бараат од Уставниот суд да се укине намалувањето на коефициентите за пресметка на плата. Поднесени се две иницијативи во кои пишува дека им е повредено уставното право на соодветна заработувачка кое го поседувале 17 години.
Од Уставниот суд за Сител велат дека двете иницијативи се споени во еден предмет и по него ќе се дискутира на крајот на декември. Слична иницијатива беше поднесена и лани во мај, но тогаш судот не поведе постапка на оценување на уставноста.
Ова доаѓа откако Уставен пред две години ја одмрзна основицата за пресметка на плата на сите над илјада функционери и нивните плати пораснаа за 78%. За да не растат премногу, на двапати и власта на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ги спушташе коефициентите со кои се множи основицата.
-Ако падне таа одлука значи процентуално пак ќе се зголемат платите на судиите и другите функционери што е поразително право да ви кажам – кажа Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ.
Во меѓувреме, судиите и останатите вработени во судовите се уште немаат земено плата за ноември. Деаноски вели дека судските административци освен платата, ги чекаат и додатоците кои им доцнат веќе 8 месеци. Не е исплатен ниту регресот за годишен одмор, иако за 4 дена ќе се затвори трезорската сметка.
-Моментално никој нема плата додека не се пуштат платите за сите вработени во судовите. Додека не се донесе одлука на судскиот буџетски совет, а денеска треба да се донесе одлука и им препорачувам да донесат одлука со додатоци на плата за вработените во судовите. Доколку не се донесе ваква одлука, веќе во 4 суда по одржани состаноци луѓето бараат прекин на работа, дали ќе биде штрајк или протести, тоа треба да се организира. Од наша страна кажавме дека нема да чекаме сите судови, ако некој суд сака да штрајкува, ќе штрајкува – кажа Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ.
Од судско-буџетскиот совет за Сител велат дека платата не била исплатена бидејќи чекале согласност од Министерството за финансии за додатоците. Денеска добиле зелено светло од Финансии и веќе се почнати пресметки. Утре на седница ќе донесат одлука за исплата.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
