Законските измени за укинување на техничката влада пред собраниската Комисија за политички систем

Предлог-законот за изменување на Законот за Владата на Република Македонија, со чии законски измени почнува постапката за укинување на техничката влада, денеска е пред членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и на Законодавно-правната комисија.
Заменик-министерот за јавна администрација, Лазе Јаќимоски, во образложението вчера пред пратениците истакна дека преодната, односно техничката влада за спроведување избори на пратеници во Собранието, воспоставена како законски модел односно привремено решение во услови на изразена политичка и институционална криза, имаше цел обезбедување консензус за организирање и спроведување на изборни процеси.
Ваквиот модел, како што рече, произлезе од политичките договори постигнати во 2015 година и првпат беше применет при подготовката и одржувањето на предвремените парламентарни избори во 2016 година, а потоа и во наредните изборни циклуси.
Заменик-министерот потренцира дека предложеното законско решение со одложната примена, има цел да обезбеди стабилност, правна сигурност и заштита на јавниот интерес на граѓаните преку целосно и доследно заокружување на започнатите реформи.
-Заради потребата од рационално и одговорно користење на јавните финансии, зајакнување на институционалната стабилност и обезбедување целосен демократски легитимитет на Владата, како носител на извршната власт избрана од Собранието, со овој предлог-закон се воспоставува јасна и применлива правна рамка, која ќе гарантира фер и транспарентни избори преку институциите основани со Уставот и законите, и ќе ги елиминира привремените решенија воспоставени со политички договори во минатото. Со предложеното законско решение се воспоставува стабилна и предвидлива правна рамка со која се уредува, се воспоставува стабилна и реална, односно техничка влада до денот на објавувањето на конечните резултати и распределба на мандатите по изборни единици од Државната изборна комисија за првите по ред избори за пратеници во Собранието на Р. Македонија спроведени по денот на влегување во сила на овој закон, по што се создаваат услови за негово укинување - нагласи Јаќимоски.
На овој начин, како што посочи, се обезбедува спроведување на фер, слободни транспарентни избори преку институциите основани во согласност со Уставот и законите, се зајакнува институционалната стабилност и се овозможува целосна реализација на демократскиот легитимитет на Владата како носител на извршната власт.
Потенцира дека во јавен интерес на граѓаните и државата се предвидува рационално, одговорно и транспарентно користење на јавните финансии.
Досега имаше три технички влади. Првата во 2016 беше предводена од Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ, втората во 2020 предводена од Оливер Спасовски од СДСМ и третата во 2024 предводена од Талат Џафери од ДУИ.
Преодна Влада подразбира дека сто дена пред избори актуелниот премиер поднесува оставка. Се формира нова Влада на чело со друг премиер предложен од власта, а во Владата влегуваат и пет функционери од опозицијата: двајца министри – за внатрешни работи и за социјална политика, и тројца дополнителни заменик-министри – за финансии, за земјоделство и за јавна администрација.
Власта, пак, има дополнителни министри во двата ресора каде што министерот е од опозицијата.
Членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе дискутираат и по Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за пратениците по скратена постапка, со кој се предвидува кандидатот за пратеник да има само државјанство на Република Северна Македонија.
На дневен ред на седницата на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање е Предлог-законот за изменување на Законот за внатрешната пловидба, по скратена постапка.
На седницата на Законодавно-правната комисија се Предлог-законот за изменување на Законот за внатрешната пловидба, Предлог-законот за изменување на Законот за Владата на Република Македонија и Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за пратениците, сите по скратена постапка.
МИА
Ново на Сител
-

Спасовски: Законот за двојни државјанства да важи веднаш и за пратениците и за Владата
-

Обвинителството со детали за физичката пресметка пред угостителски објект во Скопје, покрената истражна постапка
-

Приведен скопјанец кој пред угостителски објект со нож повредил друго лице
-

Путин се сретна со Арагчи и изрази надеж за мир во Иран
-

Судењето за пожарот „Пулс“ влегува во фаза на изведување материјални докази, први тие од обдукциските наоди
-

Мицкоски: Случајот „27 април“ е политички монтиран од претходната влада
-

Муцунски: Државата не може да биде подготвена да прави уставни измени без јасни гаранции и предвидливост на нејзиниот европски пат
-

Јаневска за врсничкото насилство: Институциите може да прават се како што треба, но без помош од родителите нема успех
