Заловен волк во населбата Козле, бил чуван како домашен миленик

Во населбата Козле синоќа бил забележан волк со синџир и ремче - чуван како домашен миленик, а по интервенција на надлежните служби е заловен и згрижен во Зоолошката градина Скопје.
- По пријава од загрижени граѓани, на местото интервенираше МВР, а веднаш потоа пристигна и стручната служба од ЗОО Скопје и претставници од градот Скопје, а волкот беше успешно и безбедно заловен. Во моментов волкот е безбедно транспортиран до градината, а ЗОО Скопје ќе го згрижи и ќе му обезбеди соодветна грижа и услови во иднина. Престојниот период ќе биде во карантин под постојан здравствен надзор од стручни лица, информираат од ЗОО Скопје.
Оттаму велат дека за среќа, оваа ситуација завршила без последици, бидејќи станува збор за питомо и мирно животно, но уште еднаш апелираат и потсетуваат дека чување диви животни како домашни миленици е забрането и исклучително опасно.
- Волците не се миленици и не смеат да се чуваат во заробеништво и несоодветни услови. Станува збор за диви животни кои имаат свои природни потреби, инстинкти и однесување. Апелираме до граѓаните доколку забележат нелегално чување диви животни, истото да го пријават до надлежните институции. Благодарност до МВР, Град Скопје, вработените во Зоолошка градина Сашо Панчев и Тина Мицковска и до сите вклучени служби за брзата и координирана интервенција, се вели во објавата на Фејсбук страницата на Зоолошката градина Скопје.
За случајот се огласи и градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски кој вели дека ова не е само неодговорност, туку сериозна опасност за целата околина.
- Не можам да поверувам дека постојат толку несовесни поединци кои на ваков начин третираат диви животни, а притоа ја загрозуваат безбедноста на своите сограѓани, напиша во објава на Фејсбук Ѓорѓиевски, истакнувајќи дека очекува институциите да ги преземат сите неопходни мерки и целосно да го расчистат случајот.
Ѓорѓиевски порачува дека во Скопје мора да има ред!
- Мора да изградиме похумано, побезбедно и одговорно општество во кое законите важат за сите, а животните се третираат со грижа, а не како предмет за нечие иживување - се вели во објавата од скопскиот градоначалник.
Ново на Сител
-

Етна повторно исфрла пепел, илјадници туристи блокирани на Сицилија
-

МВР и Фондот за здравствено осигурување: Надминат проблемот со здравственото осигурување на вработените
-

Јаневска: Учебниците ќе бидат навреме доставени, вештачката интелигенција треба да се користи етички во образованието
-

Пронајден револвер со куршуми во скопско, лишено од слобода едно лице
-

МВР: Граѓаните да не отвораат лажни пораки, наводно испратени од „Безбеден град“ и да не споделуваат лични податоци
-

Во пресрет на Светскиот ден на органодарителство, едно семејство со хумана одлука спаси два живота
-

ЦУК: Активни два пожара на отворен простор, изгаснати 12 до 18 часот
-

Ѓорѓиевски: Скопје има безбедна вода за пиење
