Македонија
25. јуни 2016 - 14:36

Заврши проектот за уредување на водопадите кај езерото Градче

Здружението на граѓани Општински спортски актив од Кочани со денешната презентација и предавањето во користење на опоштината Кочани, успешно го реализираше проектот за уредување, заштита и промоција на водопадите на Кочанска Река кај езерото Градче.

- Со денешната презентација на која присуствуваа ученици, спортисти, спортски клубови и преставници од општината, успеавме природните вредности на водопадите, заштитата на биодиверзитетот и промоцијата на самиот локалитет да бидат достапни до спортистите, граѓаните и пошироката јавност, изјави Николчо Колев, претседател на Здружението и координатор на проектот.

Самиот проект на јавноста и го презентира ова природно богатство во подножјето на Осоговските Планини на Кочанска Река која се влева во езерото Градче. Поставени се инфо табли, подготвени и флаери и постери за промоција на водопадите, а изработен е и видиковец до самиот водопад, поставени се клупи и корпи за одпадоци, истакна Колев.

Здружението од Кочани го доби проектот преку Програмата за зачувување на природата во Македонија, поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка, која во целост ги помага активностите за зачувување на природата по сливот на Брегалничкиот регион во вкупна вредност од 590 илјади денари.

Водопадите на Кочанска Река кај езерото Градче се дел и од туристичката понуда на Кочанскиот крај во овој дел на Осоговските Планини. Општина Кочани во иднина ќе се грижи за одржување на околината и презентација на овој дел од езерото Градче во чија непосредна околина се наоѓа и археолошки локалитет, како и туристичката инфо точка за неколку планинарски патеки низ Осоговијата во село Јастребник.