Значаен пад на цените на нафтата минатата недела

На глобалните пазари минатата недела цената на нафтата падна за околу 7 отсто бидејќи трговците се загрижени поради забавувањето на растот на најголемите светски економии, поради што слабее и побарувачката за „црното злато“. На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела потона за 7,3 отсто, на 82,96 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 6,8 отсто, на 78,11 долари.
Ова е најголем неделен пад на цените во последните три месеци. Трговците минатата недела беа загрижени од пораките на американската централна банка дека, поради високата инфлација, може да ги задржи каматните стапки на покачени нивоа подолго време отколку што очекуваше пазарот.
До неодамна се очекуваше дека ФЕД агресивно ќе ги намали каматните стапки оваа година, почнувајќи од јуни, но се чини дека овој потег би можел да дојде дури наесен. Ова предизвика страв од слабеење на активноста во САД, но и во други делови од светот, што може да ја намали побарувачката за енергетски производи.
А дека побарувачката во САД слабее покажаа во средата и податоците за неочекувано голем пораст на залихите на нафта една недела претходно, за цели 7,3 милиони барели. Аналитичарите очекуваа многу поскромно зголемување од 1,1 милион барели.
„Залихите на нафта навистина пораснаа и во овој период од годината би требало да паѓаат бидејќи повеќе барели одат во рафинирање“, објаснува Боб Јавгер од јапонската банка Мизухо.
Поголем пад на цените спречија сигналите дека Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници би можеле да ја задржат политиката на намалување на производството во втората половина од годината, по 1 јули, доколку побарувачката не зајакне. Моментално го намалуваат за 2,2 милиони барели дневно.
Групацијата ќе ја разгледа производната политика на состанокот на 1 јуни. Главно поради геополитичките тензии на Блискиот Исток, од почетокот на годината цената на нафтата на лондонскиот пазар е зголемена за околу 7 отсто, а на американскиот пазар за повеќе од 7,5 отсто.
Ново на Сител
-

ЦУК: Граѓаните да не патуваат кон тетовско Бањиче поради свлечиште
-

Трамп: „Секогаш ќе бидеме тука за НАТО, дури и ако тие нема да бидат тука за нас“
-

Вучиќ најави вонредни избори во октомври, ноември или декември
-

ЦУК: Поради поплави се евакуираат жители на дел од Кичево, одрони на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче
-

Божикната вечер ќе биде дождлива, а на планините ќе паѓа снег
-

Нападната 52-годишна жена во Аеродром
-

Приведен 36-годишник, физички ја нападнал неговата партнерка
-

Снегот предизвика блокади, прекини и застои во сообраќајот во Белгија и Холандија
