Македонија
6. May 2026 - 16:33

Фотографии, видеа и извештаи од увидите презентирани на рочиштето за ,,Пулс"

Видеа и фотографии со вознемирувачка содржина, но и извештаи од увидите на истражните органи беа презентирани од страна на Обвинителството на денешното рочиште за трагедијата во импровизираната дискотека „Пулс“.

Патики, облека, чанти, инструменти, лични предмети расфрлани кај главната врата останале да сведочат за стампедото. Дел од присутните родители познаа дел од предметите кои биле во сопственост на нивните деца.

Но највознемирувачкиот момент беше кога на дел од видеата беа прикажани неколку човечки трупови, од кои едниот беше целосно јагленосан.

Извештаите од увидите откриваат низа пропусти. Висината од бината до плафонот била само 2,7 метри. Ефектот на пиротехниката која била користена на критичната ноќ е 3 метри, а според спецификацијата од производителот - минимално безбедно растојание е 8 метри. Истражителите во близина на бината го пронашле далечинскиот управувач кој бил искористен за да се вклучи пиротехниката. Но пронајден бил и црн спортски ранец во кој имало уште два далечински, батерија и кеса со пиротехника.

Според обвинителството, за брзото ширење на пожарот придонеле и материјалите кои биле користени за изолација. За звучната изолација користен бил полиуретан. Токму од таа материјали се создале капки кои паѓале врз жртвите и ги гореле.

-Кај јакната на Андреј Ѓорѓиевски, пејачот на „ДНК“, најдени се капки од полимерен материјал – полиуретан. Тој се користи како лепак, изолатор и друго и при оган развива многу висока температура, кој, патем, ослободува цијанид и други отрови. Со него била обложена дискотеката однатре, рече обвинителот Дарко Јакимовски.

Иако од надворешната на објектот се гледаат прозорци, тие биле затворени и камуфлирани. Камуфлирани биле и прозорците во тоалетите, па не можеле да се користат како алтернативен излез од дискотеката.

Пред рочиштето родителите на жртвите во „Пулс“ побараа од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да поднесе жалба на одлуката за тројцата полициски службеници кои добија условни казни за тоа што прекршоците, наместо на фирмата на која се водела „Пулс“ ги пишувале на неактивен субјект.

-Законот вели затвор. Судот вели - „може и без тоа“. Очигледно кај нас одговорноста е опционална. Особено кога е институционална-политичка или бизнис. Нашето трпение има граница. И изгледа дека таа граница ви е сосема удобна. Ако судот не донесе вистинска правда - ние нема да запреме, рече Наташа Танеска од Здружението „16.03.2025“.

На следното рочиште Обвинителството ќе продолжи со презентација на материјални докази поврзани со работата на општина Кочани и Министерството за економија.