Нова акција за нелегални филери и средства за слабеење
Нова акција против нелегални филери и медицински препарати за слабеење била спроведена утринава, при што се уапсени три лица, меѓу кои и сопственичка на салон за убавина.
Случајот со криумчарење, како што соопштуваат од Царинската управа, бил откриен на граничниот премин Табановце. Нелегалната стока била криена во постелнина. Акцијата завршила со претрес во салон за убавина, каде се пронајдени криумчарени филери, производи што се користат за редуцирање маснотии, контурирање на лице, отстранување брчки и производи за подмладување, кои сопственичката на салонот ги користела врз клиенти.
- „Криминалната шема е разоткриена на влез во државата на граничниот премин Табановце, каде е извршена детална контрола на комбе, при што се пронајдени вкупно 535 вијали со средство за слабеење и 7.400 етикети со натпис TIRZ 2.5 мг и TIRZ 5 мг, скриени во чаршави за постелнина. Возилото, под постојан надзор на мобилен царински тим, го продолжило патот до местото каде што било договорено преземање на пратката од страна на сопственичката на салонот“, информираат од Царинската управа.
Сопственичката на салонот била уапсена во моментот на исплатата, а по налог на јавен обвинител бил извршен и претрес, при што биле пронајдени и други непроверени медицински препарати.
- „За пронајдените производи не била обезбедена документација за нивната безбедност, исправност и законит увоз, а според сомненијата, истите ги рекламирала и ги употребувала врз клиенти. Против осомничените е поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство за сторено кривично дело криумчарење и производство и пуштање во промет штетни средства за лекување“, дообјаснуваат од Царина.
Овој случај доаѓа по обемната акција што ја спроведе Министерството за внатрешни работи на 23 април, кога беа приведени 14 лица во Скопје, Битола и Струмица.
Според истрагата, станува збор за организирани криминални групи кои нелегално увезувале и дистрибуирале филери, ботокс и други медицински препарати без одобрение и контрола. Осомничени се 19 лица, меѓу кои и лекари од државни и приватни установи. Во акцијата беа запленети значителни количини препарати, пари и вредни предмети, а Основниот кривичен суд Скопје одреди притвор за шест лица, куќен притвор за четири, додека девет добија мерки на претпазливост.
Истрагата покажа дека фалсификуваните препарати биле набавувани од странство и користени при естетски интервенции, со што директно било загрозено здравјето на граѓаните.
-
Катерина Нешковa
Сите содржини од овој новинар
