Стоилковиќ открил нова злоупотреба, скап џип „заборавен“ во автосервис
Откриени нови злоупотреби кај претходното раководство на Министерството за односи меѓу заедниците. Според Министерот Иван Стоилковиќ возило вредно илајдници евра пронајдено е речиси расходовано во сервис каде било однесено за поправка. Фотографиите од возилото, вели ќе ги објавел во понеделник, а случајот веќе го истражувала полицијата.
„Џипот БМВ кое е во сопственост на министерството е пронајдено во прилично лоша состојба во еден од сервисите во кои се вршело порано поправката на возилата на министерството. Ангажирано е веќе МВР, не сакаме да го подигнеме. Бараме записници, нема записници како е предадено, а сведоците велат дека е предадено во нормална состојба“, изјави Иван Стоилковиќ, Министер за односи меѓу заедниците.
Нема информации за какви намени се користело скапото возило пред да биде однесено во сервисот, но потоа, според Стоилковиќ, служело за обезбедување резервни делови.
„Не можам да утврдам за што бил користен, меѓутоа можам да принесам докази дека сега личи на очерупена кокошка. Како може еден сериозно скап автомобил од министерството да биде оставен на милост и немилост на сервис каде се извадени вратите, извадени се делови од него“, вели Стоилковиќ.
Претходно, Стоилковиќ откри дека неговиот претходник Артан Груби во својот мандат потрошил 20 илјади евра за угостителски објекти. Парите легнале на сметките на две ќебапчилници, а имало високи сметки и за кафе.
Министерството за финансии веќе спровело ревизија за трошењето на парите и сите податоци ќе се разгледуваат на затворена владина седница. Откриените злоупотреби се пријавени и кај истражните институции.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар