Странските студенти на УГД го менуваат фокусот, информатика пред медицина
Турските студенти и годинава се најбројна група меѓу странците кои студираат на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а расте и интересот од соседните земји. Универзитетот ја задржува тенденцијата на интернационализација, особено преку студиските програми што се реализираат на англиски јазик. Доминантниот интерес за медицинските науки во претходните години е заменет, што според раководството е резултат на модернизираните курикулуми и зголемената побарувачка за ИТ кадарот
- Имаме студенти од соседна Србија, Бугарија и од Грција, а најголем број на студентите се од Турција, меѓутоа полека се менува структурата на студентите. Имаме околу 180 активни нови студенти во прва година на повеќе студиски програми. Има една карактеристика што прво беа фокусирани само на медицина, на студиите по општа медицина, но сега имаме многу студенти, можеби и најголем број на Факултетот за информатика на стусиската програма на наглиски јазик, изјави Дејан Мираковски, ректор на УГД-Штип.
Програмите на англиски јазик се покажуваат како најважен фактор за нивна успешна интеграција во наставата и студентскиот живот.
- Тие успешно се интегрираат во сите процеси, посебно на студиските програми на англиски јазик, ја нема таа јазична бариера, немаат потреба да учат македонски или македонскиот го учат преку директна комуникација, додаде Мираковски.
На овој начин, УГД се позиционира како отворена и конкурентна институција за студенти од различни земји, со јасна цел, да го засили меѓународниот профил на универзитетот.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
