Свет
2. March 2017 - 16:51

Анкета: Се зголемува поддршката за ЕУ и покрај кризата

Поддршката за Европска унија меѓу граѓаните на земјите-членки бележи мал раст во изминатата година и покрај кризната атмосфера, покажуваат резултатите на најновата анкета објавена од Канцеларијата на ЕУ во Берлин.

Според анкетата, 35 проценти од жителите на ЕУ позитивно се изјасниле за Унијата, што е за еден процент повеќе во споредба со мај минатата година. ЕУ е посебно популарна меѓу младите - 42 отсто од лицата под 25 години ја поддржуваат Унијата.

Негативното мислење за ЕУ е намалено за два процента откако Велика Британија одлучи да го напушти блокот, а 38 отсто од испитаниците не изразиле мислење.

Во Германија е забележано значително зголемување на поддршката за ЕУ - 37 проценти од Германците или осум отсто повеќе од минатата година, позитивно се изјасниле за Унијата, а околу 21 процент или осум помалку изразиле негативен став.

Истражувањето покажува силна поддршка за заедничката политика на ЕУ во областа на одбраната и безбедноста, нивниот процент во Унијата изнесува 75, а во Германија - 85 отсто.