Македонија
7. December 2016 - 17:55

Арсовска-Томовска: Без дигитално поврзување на државите од Балканот нема целосно поврзување во регионот

Без дигитално поврзување на државите од регионот на Балканот, не може да биде комплетирано во целост регионалното поврзување на овие земји. Ова го порача министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска-Томовска на денешната конференција „Балканите: Зголемување на поврзаноста на патот кон ЕУ“ во организација на невладината „Пријатели на Европа“ и Фондацијата „Конрад Аденауер“, со поддршка на Советот за регионална соработка, УНДП и Мисијата на САД во ЕУ, се одржа во Брисел.
 
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, денешниот голем настан во европската престолнина, на кој покрај македонската министерка говореа и комесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, екс-комесарот Штефан Филе, албанскиот шеф на дипломатијата Дитмир Бушати и други,  претставуваше одлична можност за размена на мислења и искуства во однос на главните предизвици што му претстојат на регионот на Западен Балкан на патот кон членството во Унијата.
 
Министерката Арсовска-Томовска учествуваше на панел дискусијата: „Привлекување бизниси и инвестиции преку зајакнувањето на регионалната поврзаност“, при што ја истакна потребата од подигнување на свесноста околу неопходноста од поврзување со широкопојасен интернет, како и дигитално поврзување.
 
- Регионалната агенда за поврзување, која го става фокусот врз транспортот и енергетиката, не може да биде комплетирана без важниот аспект на дигиталното поврзување, истакна Арсовска -Томовска, потенцирајќи дека регионалната дигитална поврзаност е важна за зголемување на прекуграничните услуги со цел развој на дигиталната економија во регионот, како и иновативниот потенцијал.
 
Првиот човек на Министерството за информатичко општество и администрација на Република Македонија исто така посочи дека сите земји од Западниот Балкан имаат своја дигитална агенда, која е усогласена со дигиталната агенда на ЕУ за 2020 година.
 
- Регионалното дигитално поврзување е исто така важно и за зголемување на прекуграничните услуги за развивање на дигиталната агенда во регионот, како и за воспоставување заедничка регионална платформа за зголемување на иновацискиот потенцијал во регионот. Има уште многу други предности д дигитално-поврзаните општества што можеме и да ги видиме од единствениот дигитален пазар на Еворпската унија - потенцираше македонската министерка.
 
На денешниот форум во Брисел се дискутираше и за спроведување на реформски мерки во насока на отворање на пазарот, создавање транспарентна регулаторна рамка со која ќе се зајакне довербата кај инвеститорите, како и отстранување на евентуалните бариери.