Македонија
8. јуни 2021 - 8:43

Денеска во Собранието седници на собраниските комисии за надворешна политика и за следење на комуникациите

Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат комисиите за надворешна политика, за надзор над спроведување на мерки за следење на комуникациите и Законодавно правната комисија. На собранискиот сајт најавена е и работна средба на Комитетот за односи меѓу заедниците.

На дневен ред на Комисијата за надворешна политика се предлог законите за ратификација на Договорот на НАТО за соопштување на техничките информации во одбранбени цели, на Меморандумот за разбирање помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Грција во врска со формирање на Управувачки комитет за економска соработка, на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Грција за заемна заштита на разменетите класифицирани информации, на Договорoт за заемна заштита на тајноста на пронајдоците кои се однесуваат на одбраната и за кои се поднесени барања за патентирање, на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за поттикнување и заемна заштита на инвестиции, на Протоколот за измена на Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци.

Комисијата за надзор над спроведување на мерки за следење на комуникациите треба да одлучува за предлог Одлуката за распишување на јавен повик за изготвување листа дополнителни национални или меѓународни технички експерти од Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, како и за Предлог Програмата за работа на Комисијата во периодот јуни – август 2021 година.