Свет
15. September 2015 - 10:21

ЕУ поделена околу прашањето за бегалците

Не е постигнат посакуваниот договор, изјави синоќа европскиот комесар за внатрешни работи Димитрис Аврамопулос по средбата на министрите за правда и внатрешни работи на земјите членки на ЕУ.

- Не е постигнат посакуваниот договор. Поголем број земји членки сакаат да идеме понатаму, но не сите, изјави пред новинарите Аврамопулос по седумчасовната дебата.

Министрите на синоќешниот вонреден состанок не постигнаа согласност за планот за прифаќање на бегалци предложен од претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер.

Министрите изразија начелна, но не и формална согласност нивните земји да прифатат поголем дел од вкупно 160.000 бегалци од Африка и Блискиот Исток, во зависност од своите капацитети, но ги одбија задолжителните квоти на кои инсистира ЕК.

Тие ја потврдија одлуката што начелно е донесена во јули за прифаќање на нешто помалку од 40.000 бегалци кои моментално се наоѓаат во Грција и Италија.

Во однос на останатите 120.000 бегалци, постигната е согласност да се продолжи со работа на подготовка на формална одлука за примена на обврската, со должно почитување кон флексибилноста потребна на секоја земја членка, особено за решавање на непредвидливите ситуации.

Според тоа одлуката за планот на Јункер е одложена до 6 октомври, кога министрите повторно ќе се состанат во Брисел.

Аврамопулос, сепак предупреди дека кризата е премногу сериозна за чекање и дека следниот министерски состанок е неопходно да биде организиран за неколку дена. Таквиот став го поддржа и првиот потпретседател на ЕК Франс Тимерманс.

Министрите од ЕУ, сепак постигнаа согласност за некои елементи од планот, така што е договорено зајакнување на контролата на надворешните граници на унијата.

Европските патролни бродови во Средоземно Море ќе можат да применуваат поагресивни методи кон шверцерите на луѓе, вклучително да отворат оган и да потопуваат бродови на шверцери.

Договорено е составување на единствена европска листа на „безбедни земји“, чии граѓани ќе минуваат преку постапката за добивање на азил по брза постапка, така што ќе може полесно да бидат депортирани во случај на одбивање на нивното барање. 

Според планот на Јункер на таа листа ќе се најдат сите земји кои се кандидатки за членство, што ги вклучува Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ и Албанија, а ист третман е предвиден и за жителите на Косово.

Министрите од ЕУ постигнаа и начелен договор за финансиска и материјална помош на транзитните земји.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, кој денеска се наоѓа во посета на Јужна Кореја, претходно најави дека овој месец ќе свика вонреден самит на ЕУ, ако министрите не постигнат договор.