Македонија
14. February 2017 - 17:21

Европратеници од Бугарија бараат Македонците од Албанија да бидат заштитени како Бугари

Со амандман на бугарските европратеници Андреј Ковачев (ГЕРБ/ЕПП) и Ангел Џамбаски (ВМРО-БНД), Европскиот парламент утре е можно да усвои параграф во Резолуцијата за Албанија, кој ќе биде директно на штета на Македонците од Голо Брдо, Гора и Мала Преспа, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Имено, како 24-ти амандман, на утрешната пленарна седница на Европарламентот во Стразбур, 751 европратеник ќе ја потврдат Резолуцијата за Албанија, каде Ковачев и Џамбаски во последен момент сакаат да протуркаат опасна теза дека македонското малцинство во трите посочени места е всушност бугарско.
            
- ЕП забележува дека се потребни дополнителни напори за заштита на правата на сите малцинства во Албанија, преку целосна имплементација на релевантното законодавство и препорачува заштита на правата на лицата со бугарската народност во Преспа, Голо Брдо и Гора да биде овозможена со закон и обезбедена во пракса, се наведува во амандманот на бугарските европратеници на албанската Резолуција.
 
Претходно, Ковачев во ЕП изјавуваше дека „во Албанија живеат 100 илјади Бугари, кои ги немаат сите права на едно признаено малцинство“. Албанската држава во Голо Брдо, Гора и Мала Преспа препознава единствено Македонци.