Македонија
29. August 2017 - 18:19

Груевски во посета на прилепско

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска ги посети индустриската зона „Прилеп 1“, манастирот Трескавец и црквата „Успение на Пресвета Богородица“.

Според Груевски, општина Прилеп е една од најнапредните во земјава која нуди можности за изградба на домашни и странски капацитети кои отвораат нови работни места.

- Ја посетив индустриската зона „Прилеп 1“ каде се продадени сите 21 локација за изградба на домашни капацитети. Од нив 19 имаат дозвола за градба, пет погони се изградени, а уште четири се во изградба. Зоната нуди можност за отворање на околу 1.500 работни места. Сега се веќе 400 вработени. Се подготвуваат за продажба локации и во индустриската зона „Прилеп 2“, а ќе има и уште две индустриски зони. Тоа значи дека градоначалникот и градот овозможуваат услови за отворање капацитети, но и нови работни места, што е најбитно, рече Груевски.

Посочи дека во технолошко-развојната зона кај „Алинци“ веќе работат две странски компании „Гентерм“ и „Акомпласт“, а се гради капацитетот на компанијата „Вик“. Во зоната, нагласи, се отвораат над 3.200 работни места.

- Нам ни се потребни како домашни, така и странски компании да вложуваат. Сегашниот однос на Владата е голем ризик во однос на идните инвеститори, рече Груевски.

При посетата на манастирот Трескавец, Груевски рече дека во изградбата на патот до манастирот се вложени 1,4 милиони евра, а тогашната влада ги презела сите мерки за да се обнови манастирот по пожарот и да се обноват конаците, а и да се заштити црквата „Успение на Пресвета Богородица“.

- Манастирот е место магнет за странските туристи, но и е збиралиште за жителите од овој дел на Пелагонија. Она што е многу битно е што изградбата на патот не дозволи годинашните пожари да го зафатат манастирот. За обновата на конаците се обезбедени 1,8 милиони евра, додаде Груевски.