Џет-Сет
2. November 2017 - 23:21

Јоксимовиќ: Многу убави спомени ме врзуваат за Македонија

Балканската музичка ѕвезда и кантавтор Жељко Јоксимовиќ минатата година, со музичкиот проект „Два света” со повеќе од 40 музичари на сцена, одржа четири концерти во Македонскиот народен театар. Миленикот на сите генерации оваа година на 11 ноември ќе одржи концерт во ВИП Арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

Тој во интервју за МИА изјави дека сака да доаѓа во Македонија, бидејќи тука го врзуваат многу убави спомени.

МИА: Како е да се биде родител на 22-годишната Мина, на три годишниот Коста и на едномесечните Срна и Ана. Сепак разликата е голема и обврските се различни. Мина е возрасна девојка и, како што рековте во едно ваше интервју, ја учите „да работи и да греши“, Коста е во период кога бара целосно внимание и го осознава светот, додека пак близначките се во фаза на менување пелени, непроспиени ноќи и постојана грижа. Колку е тешко во една таква „тројна“ улога?

ЖЕЉКО: Морам да кажам дека јас сум пред се многу среќен човек, бидејќи сум родител и сум остварен како индивидуа. Се занимавам со работа која ја сакам, ги правам сите работи кои ме прават среќен и задоволен, и секако семејно сум многу исполнет човек, благодарејќи пред се на мојата сопруга, која е најдобра на светот, и која ми дава голема помош и слобода во мојот дневен, повеќенеделен и повеќегодишен израз во се она што го работам. Од друга страна, не очекував ништо поинаку, имајќи предвид дека нашето семејство сега е побогато за уште два члена, Срна и Ана, и мислам дека секој човек што ќе добие таков подарок од Господ може да биде само среќен во животот. Се трудам колку што можам повеќе слободно време да минувам со своето семејство. Мина е на музичка академија и со неа имам еден посебен однос, во период кога созрева како личност и кога ги завршува студиите. Коста бара многу внимание во овој период, дури и повеќе од Срна и Ана. Многу е добро расположен кон своите помали сестрички, многу е нежен и емотивен, а Срна и Ана, како што веќе рековте, нивна задача е да јадат и да им се менуваат пелените на време. Би ве излажал ако ви кажам дека се будам на секои три часа. Не го правам тоа. Сигурен сум дека без помошта од Јована не би бил способен да се занимавам во доволна мерка со оваа моја работа, да патувам, да имам концерти. Но добро сме организирани и јас уживам еден слободен и либерален статус, но кога можам да помогнам, секако дека тоа го правам со огромна љубов.

МИА: Вашата сопруга Јована е водителка и едно од најпопуларните ТВ лица во Србија. Дали таа како новинарка ви помага кога е во прашање вашата комуникација и соработка со медиумите и кои се предностите и мааните на бракот меѓу две јавни личности?

ЖЕЉКО: Секако дека со Јована разговарам многу во врска со мојата и нејзината работа, но пред се не сакам премногу да ја оптоварувам, бидејќи и таа има многу случувања на нејзиното работно место. Јас имам агенција која повеќе од три години е многу активна за мојот ПР, а тоа е „Њумедиа Тим“ од Белград. Тие се многу ревносни и добро ја извршуваат својата работа, и мислам дека откако работам со нив, голем товар, што се однесува околу организација со медиумите, го пренасочив на нив и тие одлично го работат. Секако, како што реков на почетокот, со Јована се консултирам за сите работи, како што и таа се консултира со мене. Затоа мислам дека навистина имам еден многу добар бекграунд и секогаш ми е задоволство да давам интервјуа, да се дружам со новинарите и медиумите секогаш ги сфаќам на еден вистински начин.

МИА: Заедно со актерот Драган Бјелогрлиќ, со кого веќе соработувавте во филмот „Ивкова слава“, за кој автор на музиката сте вие, сега подготвувате нов проект како продукциски партнери. За што поточно станува збор?

ЖЕЉКО: Ние веќе две години разговараме за филм кој ќе се занимава со тема под име Тома Здравковиќ. Меѓуто тоа е се уште само идеја. Ако некој разговара веќе две години, значи дека сериозно се подготвува за тоа. Но, цела таа работа е многу неизвесна и скапа. Доколку имаме доволно финансиски средства за да направиме еден добар филм како што ние го замислуваме, тогаш секако ќе влеземе во таа копродукција и соработка, во спротивно тоа ќе остане само како убава желба. Мислам дека е се уште многу рано да се зборува за тоа.

МИА: Најновиот албум „Два света“ е нешто сосема ново и поразлично од вашите досегашни музички проекти. Песните се обработки на постари хитови со поинакви аранжмани во џез и свинг варијанта, од кои дел се од 80-те години на минатиот век.

Дали можеби не е случајно што сте избрале токму песни од 80-те години кои асоцираат на почетоците на вашата кариера, имајќи предвид дека во 1984 година станавте победник на престижен музички фестивал во Париз, на кој ја понесовте титулата Прва хармоника на Европа? Можеби таа награда е најсилниот „ветер во грб“ кој ве донесе до овој голем успех денес и затоа сте емотивно поврзани за тој период, што мислите?

ЖЕЉКО: Проектот „Два света“ првпат го промовирав тука во Скопје со четири фантастични концерти и сигурен сум дека и по овој концерт, кој ќе се случи на 11 ноември во ВИП Арената Борис Трајковски, каде јас со задоволство повторно се враќам и каде имав одлични настапи со феноменална публика, која во оваа сала звучеше магично. Јас продолжувам со турнејата „Два света“ и воопшто не е исклучена можноста дека до крајот на годинава би можел повторно да се појавам во Македонија со тој проект можеби во некој друг простор, но едноставно тоа се две одвоени приказни. Всушност „Два света“ подразбира музика која го исполнуваше моето детство, а тоа во Париз 1984 година го подразбираше моето свирење на хармоника. Јас немав можност во тие 80-те години да се занимавам со продукција на начин на кој денес се занимавам. Благодарејќи на технологијата и на се она што го имам во моето студио, јас имам можност да се изразам на еден начин на кој не можев да се изразам во 80-те години, бидејќи пред се бев мал. Затоа, благодарејќи на се тоа, ја имам таа привилегија да се занимавам со тој вид на музика на начин на кој јас сакам, а некако сум продукциски оспособен се што ќе замислам да го спроведам на дело, а тоа публиката го препознава и мене тоа ме исполнува. И не само мене, туку верувам дека и секој уметник што се занимава на правилен начин со својата работа.

МИА: Имајќи го предвид сегашниот развој на технологијата, дали денес еден музичар може да живее само од продажба на албуми, како што тоа беше случај во минатото кога главниот приход на пеачите беше од продажба на плочи, касети и компакт дискови?

ЖЕЉКО: Тоа е многу деликтно прашање. Во последно време има се помалку ЦД-а, плочи и касети речиси и не постојат, меѓутоа постојат други можности за објавување. Тоа се социјалните мрежи, глобалните огласувачи преку интернет, како што се Јутјуб, Спотифај и други. Во последно време конзумацијата на овие платформи се плаќа, така што ние како автори, но не и како изведувачи, имаме свој надомест, кој ни ги испраќаат Јутјуб и останатите платформи. Некои специјални заработувачки од компакт дискови речиси да нема. Јас ја имав таа среќа со својот последен албум кој во ист ден излезе во цела поранешна Југославија, благодарејќи на добриот продукциски план, да продадам извесен број компакт дискови по една многу популарна цена. Во таа смисла јас се најдов во еден ист ден во многу автомобили и домови ширум поранешна Југославија. Меѓутоа, кога ќе кажете Јутјуб, тоа значи дека во текот на денот имате повеќе од еден милион прегледи, така што не можам со сигурност да кажам дека распределбата на авторските хонорари е како што била во 70-те или 80-те години, кога од една плоча можело да се купи куќа. Секако дека тоа моментно не е така. Но сум оптимиста и сметам дека работите се движат во позитивна насока, кога е во прашање иднината.

МИА: Дали некогаш сте имале понуда да пеете за некоја политичка партија за време на изборна кампања и дали би го прифатиле тој предизвик?

ЖЕЉКО: Да, имав, но не би го прифатил тој предизвик. Не е тајна дека некои политичари се мои добри пријатели или познаници. Не е забрането да се дружиш со некого дури и ако не гласаш за него, а доколку тој некој ти одговара како личност за во друштво. Имав многу понуди, но никогаш не го правев тоа, иако не е забрането. Ако те повика некоја политичка партија да пееш на некоја нивна конвенција, тоа не значи дека ти треба да гласаш за неа, туку дека тоа е твоја работа и треба да ја завршиш. На крајот на краиштата, и тој што ја поставил сцената или осветлувањето не значи дека мора да гласа за тој што го ангажирал., туку секако тоа ќе го наплати трудот. Мислам дека тука луѓето главно грешат, но јас повеќе од некои побуди, случајно да не дојде до некакви предрасуди дека сум можеби приврзаник на некоја политичка опција, затоа никогаш не сум ги прифаќал тие настапи. Јас ова го работам многу професионално и од мојата работа многу добро заработувам и сметам дека не е грев што се занимавам со работа која ја сакам, а за тоа сум адекватно награден.

МИА: Му бевте ментор на Даниел Кајмаковски во музичкото шоу „Икс-фактор“, а потоа го снимивте и дуетот „Скопје-Белград“. До каде е вашата соработка со Даниел?

ЖЕЉКО: Тоа беше показател дека и по натпреварувањето не е се готово. Мислам дека тоа беше добар пример дека таквите натпревари кои се случуваат во последно време, а ги има навистина многу и јас не сум против тоа, не треба да завршат кога во финалето ќе се прогласи победникот. Јас сепак се потрудив да направам, токму кога се најавуваше мојот концерт на стадионот Филип Втори во Скопје, добра конекција, а тоа е еден дует снимен во Скопје. Постојано го прашував Даниел за време на натпреварувањето: „Скопје или Белград, Скопје или Белград“, па дури и јас го напишав тој дел од текстот. Мислам дека таа песна е се уште многу активна и задоволството е взаемно. Тој ми се јави неодамна за да ми го честита раѓањето на близначките и многу често се слушаме.

МИА: Во 2003 година ја напишавте песната „Чија си“, со која Тоше Проески победи на Беовизија. Се согласувате ли со констатацијата дека Тоше беше вонсериски пејач и дали во некој од денешните музички ѕвезди гледате негов достоен наследник?

ЖЕЉКО: За жал Тоше си замина многу млад. Тој беше една неповторлива личност. Така што не би можел да разговарам на тој начин. Јас често се гледав со него, работевме и во студио, и заедно бевме на Евросонг, работевме бројни концерти заедно. Тој беше навистина едно прекрасно момче, а тоа е поважно и од гласот и од песните. Се што работеше го правеше на маестрален начин. Премногу страдав поради неговото замиување. Во вистинска смисла на зборот тој е неповторлив.

МИА: Најновиот сингл „Милиметар“ е вистински летен хит и предизвика одлични реакции кај голем број фанови ширум регионот. Дали е точно дека инспирација за оваа песна е бременоста на вашта сопруга?

ЖЕЉКО: Би можело така да се каже. Мислам, секако дека е, бидејќи откако разбрав дека е бремена, бев среќен и некако понесен од таа информација, по што за многу кратко време седнав и направив една песна и и ја испратив музиката на Вјекослава Хулиќ, сопругата на Тончи, која за буквално помалку од два дена напиша фантастичен текст. Песната се слуша дека има некоја своја специјална звучност и хитичност и дека пристигнала во вистинско време. Но, вистина е дека бев инспириран од семејната ситуација.

МИА: На 11 ноември македонската публика повторно ќе има можност да ужива во вашите стари и нови хитови. Дали очекувате полна ВИП Арена Борис Трајковски и како се чувствувате на сцена при интеракција со македонската публика? Подготвувате ли некое изненадување за присутните на концертот?

ЖЕЉКО: Јас секогаш подготвувам нешто ново. И должам голема благодарност на македонската публика, бидејќи мојот најголем концерт се одржа токму тука и имам желба да го повторам тој концерт на стадионот уште следната година, само да бидам здрав и да има добри услови. Сега влеговме во тие есенски и зимски денови, па враќањето во ВИП арената „Борис Трајковски“ ми претставува големо задоволство. Мислам дека Арената е речиси целосно распродадена. Нескромно е да кажам дека очекував вакво нешто, бидејќи јас имам голема љубов кон македонската публика, а и таа кон мене. Тоа е една голема привилегија, и секогаш кога доаѓам во Македонија имам чувство како да одам кај најблиските. Сметам дека тоа се препознава и не треба премногу да се зборува за тоа.

МИА: На крајот само уште неколку блиц прашања, со многу кратки одговори:

• Каква музика слушате приватно, на пример во вашиот автомобил?
• Кој жанр на филм ви се допаѓа?
• Месо или тестенини?
• Виски или кока-кола?

ЖЕЉКО:

- Главно јас создавам музика, па дури и во автомобилот, а ретко слушам. Повеќе слушам радио.

- Главно серии, на пример Scandal, Homeland и The Americans

- Секако Месо

- Повеќе сум за црвено вино, но некогаш не се откажувам ниту од ладно виски.