Македонија
22. August 2015 - 12:22

Јолевски посака успешна академска година на идните доктори на универзитетот „Пепердајн“

Министерот за одбрана Зоран Јолевски преку видое-конференциска врска се обрати на идните доктори по правни наука и адвокати на почетокот на докторските студии по право на калифорнискиот универзитет „Пепердајн“.

Тој им порача дека почитувањето на правото и правната држава се столб на секое општество.

- Вие, потенцира, го направивте вистинскиот избор во однос на усовршувањето во оваа област. Универзитетот „Пепердајн“ е еден од најдобрите универзитети во Соединетите Американски Држави и во светот.

Тој додаде дека инвестицијата во образованието е една од најзначајните инвестиции во нивниот живот. - Патот на академското усовршување не е лесен, но е исплатлив, за Вас лично, но и за вашата држава и општество, рече министерот Јолевски.

Им посака успешни студии и високи достигнувања во понатамошната кариера.

Универзитетот „Пепердајн“ е еден од високо ценетите Универзитети во САД, целосно посветен на академското усовршување на идните лидери во поголем број области меѓу кои и правото, бизнис и менаџмент, образование и психологија.