Loading Video...
Кошарка
9. јуни 2020 - 15:44

Капитенот Стојановски и тренерот Кочов продолжуваат во МЗТ Скопје Аеродром

Капитенот Дамјан Стојановски и тренерот Ѓорѓи Кочов ја продолжуваат соработката со екипата на МЗТ Скопје Аеродром
 
Екипата на МЗТ Скопје Аеродром и следната сезона од клупата ќе биде предводена од досегашниот тренер Ѓорѓи Кочов, додека капитен и понатаму ќе биде репрезентативецот Дамјан Стојановски. Двајцата денеска договорија продолжување на соработката, која само формално ќе биде официјализирана во следните неколку дена, информираат од клубот. 
 
За Кочов ова ќе биде трета сезона која ќе ја почне како прв стратег на четата од „Јане Сандански“, функција на која беше промовиран во првата половина од 2018 година . Зад себе Кочов има шампионска титула освоена лани, а беше на најдобар можен пат тоа да го повтори и годинава, но прекинот на првенството поради пандемијата на Корона вирусот и административната одлука на Кошаркарската федерација, не ми дозволија на овој млад стратег да се радува на вториот шампионски трофеј како тренер. 
 
Стојановски, пак, се обврза да го носи сино-белиот дрес и во следните две сезони, со што би заокружил целата декада, односно 10 сезони, како играч на МЗТ Скопје Аеродром. 
 
Дамјан со тимот на МЗТ досега се има закитено со пет шампионски титули (2013, 2014, 2015, 2016 и 2019 година) и шест трофеи во Купот на Македонија (2007, 2009, 2013, 2014, 2016 и 2018), а четири пати беше избран за најкорисен односно МВП играч во финалните серии од домашното првенство.
 
Стојановски и Кочов веќе ги договориле сите детали со МЗТ Скопје, па сега останува наредните денови и формално да бидат потпишани новите договори. 
 
Во моментов, договорна обврска со тимот на МЗТ Скопје Аеродром имаат уште и репрезентативците  Андреј Магдевски и Бојан Крстевски.