Македонија
11. April 2016 - 14:13

Компаниите за оружје се здружија, бараат поддршка и од државата

Поддршка и субвенции од државата за поголемо производство, осовременување на капацитетите, обучување стручен кадар и влез на странски фирми, бараат компаниите од областа на вооружувањето и воената опрема (ВВО).

Тие, како што информираа денеска на прес-конференција, пред неполни три недели формирале Групација при Стопанската комора, а целта на здружувањето е заедничко делување во насока на поголема соработка со надлежните институции, особено со министерствата за одбрана и за внатрешни работи, измени на законски решенија и намалување на увозот.

- Со производство, и тоа на многу мал сегмент од ВВО, кај нас моментно работат четири до пет компании, а само во областа на муницијата може да се направат неколку огромни, специјализирани фабрики, за зрна (со оглед дека постојат преку 50 калибри), за чаури, барут,..., рече претседателот на Групацијата Димитар Мангутов.

Според него, од интерес за Македонија е да влезат странски ВВО фирми кои ќе го подигнат технолошкото ниво, но и нивото на работниот кадар. Ваквите компании не би можеле да бидат лоцирани во индустриските зони за кои моментно важат субвенциите.

- Овие фабрики нема да бидат лоцирани во некои од индустриските зони за кои важат субвенциите, туку за нив ќе мора да се најде некое посебно место. Оттука и борбата да има некакви субвенции кои ќе ги привлечат да дојдат тука, да инвестираат, нагласи Мангутов, додавајќи дека воената технологија секогаш предничи и од неа, како највисока, потоа се развива, односно произлегува цивилната. 

Според потрпетседателот на Групацијата Јовица Ѓуричиќ, со години се зборува за опремување на Армијата на Република Македонија со нови, современи транспортери и други средства. Но, идејата не е само да се купи, туку и да се произведе или барем, да се биде дел од производниот процес на големите странски компании.

Тоа, рече, најмногу ќе се ефектуира и ќе има бенефит кога земјава ќе стане членка на НАТО зашто принципот е државите-членки да си купуваат меѓу себе делови од воената индустрија кои сами ги произведуваат.

- Најлесно е да купиш, но ние се бориме, од тој што ќе купиме, да дозволи делови да се склопуваат тука, кај нас, да бидеме барем дел од целиот тој производен процес. На тој начин, не само што ќе ангажираме работници, туку и ќе ги обучуваме за одржување, за ултра модернизација. Од друга страна, ако станеме членка на НАТО, каде земјите меѓу себе се обврзани да купуваат едни од други, речиси ќе немаме што да понудиме, истакна Ѓуришиќ.

Во однос на субвенциите, додаде, добро е, исто така, наместо за пет, да се дава поддршка за производство на 15 калибри муниција/куршуми. 

Групацијата за оружје и опрема при Стопанската комора засега брои 28 членови, а повеќето од нив се занимаваат главно со трговија.