Македонија
22. јуни 2016 - 8:45

Концерт на Куфојанакис и Ангелова Христов во Музејот на Град Скопје

Во Музејот на град Скопје вечер концерт ќе одржат македонските уметници Момчило Куфојанакис на виолина и Весна Ангелова Христов на пијано. 

Концертот е во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија во рамки на циклусот PRO MUSICA, а со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија. 

На програмата ќе бидат изведени дела од Брамс, Сен-Санс, Бетовен и Изаи. 

Момчило Куфојанакис дипломирал на ФМУ Скопје, а магистрирал на државниот конзерваториум „А. К. Глазунов“ во Петрозаводск во Русија, во класата на проф. К. Ј. Векслер. Добитник е на две специјални државни награди и пет први награди на државни, регионални и меѓународни натпревари. 

Весна Ангелова Христов дипломирала на ФМУ Скопје, а магистрирала во класата на проф. Рита Кинка од Нови Сад. Добитник е на три први државни награди и една специјална награда на меѓународен натпревар. Повеќе од две децении ја претставува Македонија на музичките подиуми на Бугарија, Франција, Турција, Чешка, Србија...

На почетокот на јуни годинава, Момчило Куфојанакис и Весна Ангелова Христов, со рецитал ја претставија Република Македонија на шестиот „Меѓународен фестивал на франкофонијата“ во Созопол.