Балкан
14. May 2024 - 8:36

Курти со опозицискиот лидер Красниќи разговарал за одржување предвремени избори во Косово

Косовскиот премиер Албин Курти, по синоќешната средба со лидерот на најголемата опозициска партија во косовското Собрание, Демократската партија на Косово (ПДК), Мемли Красниќи изјави дека на средбата се разговарало за новите избори и за времето кога тие би можеле да се одржат, јави дописникот на МИА од Приштина.

Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber
Обраќајќи им се на медиумите по средбата со Красниќи, Курти изјави дека, според него, „најпогодни сезони (за одржување на изборите) се пролетта и есента“, но за нивно закажување рече дека очекува соработка со опозицијата.

„Разговаравме и за ситуацијата воопшто и за напредокот на Косово во меѓународните интеграции и за можноста за нови избори во блиска иднина, кога се знае дека веќе влегов во последната година од мојот мандат на чело на Владата… Тие (ПДК) го одредиле својот кандидат за премиер на следните избори, следните избори се прашање на месеци и заинтересиран сум да разговарам со ПДК, ЛДК и ААК која е најпогодна сезона за следните избори. Сметам дека генерално е пролет или есен“, изјави Курти.

Тој инфомира дека побарал соработка од опозициските партии во Собранието за изгласување меѓународни договори за кои се потребни две третини од гласовите на пратениците, нагласувајќи дека „тоа е интерес на Косово“.

„Вечерва разговаравме за актуелни политички прашања, но со посебен акцент на законодавната агенда. Имаме 13 меѓународни договори кои чекаат да бидат изгласани. Се знае дека просто мнозинство не е доволно, туку се потребни 2/3 од пратениците. Имаме и меѓународен воен рамковен договор и имаме пет предлог-закони, во прво и второ читање, за кои ни треба поддршка од опозицијата, или, подобро да кажам, соработка со нив, бидејќи сметаме дека тоа е прашање од општ интерес“, рече Курти.

Ден претходно, косовскито премиер ги повика челниците на трите опозициски парламентарни партии на косовските Албанци – Красниќи од ПДК, Љумир Абдиџику од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Рамуш Харадинај од Алијансата за иднината на Косово (ААК), за, како што соопштија од неговата партија, Движење самоопределување (ВВ), да разговараат за собраниската агенда, односно за законите кои се на дневен ред во законодавниот дом.

Од ЛДК и ААК изјавија дека нивните лидери нема да се сретнат со Курти, поради (ЛДК) „задушувањето на парламентарната демократија“ од страна на партијата на Курти и затоа што (според ААК) тие прашања треба да се тема на собраниското Претседателство и на шефовите на пратеничките групи, а не на лидерска средба.

Единствено лидерот на ПДК ја прифати поканата, со напомена дека на средбата со премиерот ќе разговара единствено за одржување предвремени избори.