Македонија
2. January 2025 - 16:34

Мицкоски: Подготвен сум да разговарам за натпартиско обединување

Апсолутно сум подготвен да разговарам за градење на консензус околу најважните државни прашања. Премиерот е задоволен што покрај него, иницијативи за обединување стигнуваат од повеќе политички партии.

Во новогодишното интервју за МИА, Претседателот на Владата не го отфрли повикот на опозицискиот лидер за натпартиска стратегија, иако потсети дека ист таков дал и самиот уште пред неколку месеци

Мицкоски вели дека борбата со корупцијата останува еден од главните приоритети на Владата. Свесен е дека главните осомничени во последните големи афери во моментов не се достапни за правдата но за тоа, проблемот не го гледа во системот туку во поединци.

Токму борбата против корупцијата според премиерот е една од главните причини за радикализацијата на ДУИ, но како што вели, Македонија таа претстава веќе ја има гледано.

Во делот на евроинтеграциите Мицкоски е дециден дека земјава останува на своите црвени линии и дека не е заинтересирана да биде дел од како што рече балканизирањето на Европската Унија. За напредок во овој процес очекува стабилна Влада во Софија а во меѓувреме, најави нови дипломатски активности за промоција на нашите позиции кои почнуваат со посетата на САД на средина од месецот каде ќе присуствува на инаугурацијата на Трамп.

Во делот на економијата Премиерот потенцира дека земјава останува фокусирана на забрзување на економскиот раст. Дупките во фондовите и буџетот ќе се полнат со борба против сивата економија и даночната евазија поради што воопшто не се размислува ниту за поголеми даноци, ниту за повисоки придонеси ниту пак за зголемување на старосната граница за пензионирање.