Мисајловски: Нема да има македонски војници во Украина
Нема да има македонски војници на украинско тло, тоа досега никој не го побарал од нас како држава, изјави денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски по посетата на припадниците на Првиот пешадиски баталјон на Армијата во касарната „Чеде Филиповски - Даме“ во Кичево.
-Како земја-членка на НАТО сме четврта по ред земја во доделена помош за различна опрема за Украина. Она што оваа Влада го направи во изминатиот период е тоа што додели уште еден пакет, но сега во овој период се смени наративот во геополитиката во светот и она што можеше да се слушне е дека на масата е предлог за мир и ние сме држава која е насочена кон мирот, рече Мисајловски во одговор на новинарски прашања.
Мисајловски рече дека во мирното решавање треба да се гледа најголемата шанса, бидејќи тоа ја опфаќа и колективната безбедност.
-Најпрво има потреба за мир, а потоа ќе има потреба за дополнителна помош кон Украина особено за обновата на земјата во инфраструктура, во капацитети, но првин да се дојде до мирно решение при што ние стопроцентно застануваме зад мирно решение, рече министерот.
Потврди дека началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски вчера учествувал на состанокот во Париз, во рамки на парискиот oдбранбен и безбедносен форум во организација на началниците на Генералштабовите на Франција и Обединетото Кралство. На состанокот учествувале воени претставници на 30 земји од ЕУ и/или НАТО, меѓу кои Велика Британија и Турција, чиј домаќин бил францускиот претседател Емануел Макрон.
-Началникот беше на тој состанок вчера, имавме неколку разговори, меѓутоа има различни мислења на различни земји, се размислува за некои нови чекори, планови како да се воспостави мирот и како да се делува во иднина, но тоа се само големи разместувања на различни земји, но не е стриктно дадено како солуција што ќе се случува наредниот период. Добро е што сите имале свои мислења, ние ја кажуваме нашата позиција дека сме за мирно решавање, за мир, рече Мисајловски.
По еднодневните разговори меѓу Вашингтон и Киев во Џеда, Украина го прифати американскиот предлог за 30-дневен прекин на огнот. Високата претставничка на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика Каја Калас ја поздрави заедничката изјава на Украина и САД по нивниот состанок во Саудиска Арабија, вклучувајќи ги и предлозите за договор за прекин на огнот, хуманитарните напори и продолжувањето на размената на разузнавачки информации и безбедносната помош на САД. Таа нагласи дека ЕУ е подготвена целосно да ја одигра својата улога во поддршка на претстојните чекори, заедно со Украина, САД и другите партнери.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков не ја исклучи можноста за скорешен телефонски разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп по американско-украинските разговори во Џеда.
Земјите од ЕУ веќе дадоа зелено светло на планот кој има за цел да мобилизира до 800 милијарди евра во текот на четири години за зајакнување на одбраната на континентот и за помош на Украина.
Ново на Сител
-
Преглед на вестите од светот
-
ВМРО-ДПМНЕ: Тежок криминал, а судот само одзема пасоши
-
Армијата бара 300 нови професионални војници
-
Колку сме подготвени за справување со пожарите
-
Црвен Крст на Македонија иницира носење на нов закон за волонтерство
-
Во Струмица одбележан јубилејот 80 години Црвен Крст на Македонија
-
Преглед на вестите од светот
-
Единаесет приведени во акцијата за сомнителна набавка на деривати