Македонија
24. October 2017 - 19:08

МВР: Апсурдни и неточни наводите на ВМРО-ДПМНЕ за притисоци врз гласачи

За Министерството за внатрешни работи се апсурдни и неточни, како што наведува, неоснованите наводи изнесени на денешната прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ за некакви и со ништо неаргументирани притисоци и закани врз гласачите, наводно и од страна на МВР.

- Министерството за внатрешни работи е институција на сите граѓани на Република Македонија, и нејзиното функционирање, како и професионалниот однос кон работата на секој припадник на Министерството се исклучиво  согласно Уставот и законите за внатрешни работи и за полиција. Политичките квалификативи со кои г-динот Милошоски сака да ја „идентификува“ полицијата, Министерството за внатрешни работи одбива да ги коментира, без оглед што се штетни по интегритетот на секој вработен во оваа институција, за самата институција и за избирачкиот процес во целина, стои во демантот од МВР на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Се додава дека ова Министерство реагираше и презеде мерки и активности за сите пристигнати пријави во текот на првиот изборен круг од локалните избори и оти истовремено со својот професионален и стриктно законски основан ангажман придонело за одржување мирни и слободни, демократски избори, според оценките на сите релеватни домашни и странски институции и организации.

- МВР уште еднаш апелира до политичките партии да се воздржат од секакви неосновани изјави, притоа јасно ставајќи до знаење дека е целосно подготвена да им овозможи на сите граѓани на Република Македонија, слободно изразување на нивната политичка волја и на вториот круг од избирачкиот процес во недела, се наведува во соопштението.