Македонија
7. November 2018 - 12:55

Невработени лица од Куманово добија сертификати за успешно завршена обука за занаети

Дванаесет невработени лица од Куманово денеска добија сертификати од Центарот за вработување Куманово за успешно завршена обука за занаети, рачно и машинско везење.

Невработените лица три месеци следеле обука во две сертифицирани спроведувачи на обуки, работодавачи од соодветна занаетчиска дејност, регистрирани преку занаетчиската комора.

– Невработените, активни баратели на работа аплицираа за следење на оваа обука, а меѓу главните критериуми беше нивната заинтересираност да се обучат за оваа дејност. Се надевам дека ќе им користи полесно да се снајдат на пазарот на трудот, изјави раководителот на Центарот за вработување Куманово, Марија Димитриевски.

Тијана Ристевска од Куманово, денеска се стекна со сертификат за шиење и везење. Иако, претходно немала искуство во оваа дејност, сепак се одлучила за оваа професија поради личните афинитети. Таа ги повика и останатите невработени да следат обуки кои ги организира Центарот за вработување и да ја надополнат професионалната биографија, за полесно да најдат варботување.

Обучувачите од занаетчиските работилници, Таница Евфремовска и Анкица Јаќимовиќ велат дека во оваа дејност секогаш има побарување од овие кадри кои се барани на пазарот на трудот.

Овие лица кои денеска добија сертификати, појаснија од Центарот, можат да аплицираат и за други мерки од Оперативниот план за вработување на Владата, вклучително и мерката самовработување.