Нов состанок на Мешовита македонско-бугарска експертска комисија
Нов состанок денеска во Охрид ќе одржи Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија. Членовите на Комисијата ќе продолжат онаму каде што застанаа минатиот месец на средбата во Софија – ќе расправаат за различни аспекти од прашањето за значењето на личноста и делото на Гоце Делчев во контекст на неговото значење за историското сеќавање на двата народа.
Македонските и бугарските експерти, како што потврдија за МИА од Комисијата, освен за изнаоѓањето начини за евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев, на осмата средба која се одржува денеска и утре ќе разговараат и за тоа како да се изнајдат заеднички препораки за подобрување на учебниците по историја кои го обработуваат средновековниот период и раноосманлискиот период.
Дискусијата за Делчев, минатиот состанок, како што тогаш кажаа за МИА од Комисијата, била исцрпувачка, но плодна и е направен мал напредок поради што членовите ги продолжуваат разговорите на темата.
Ова е петта средба на Комисијата оваа година, а до крајот на годината е предвидена уште една.
Од претходните средби до владите на двете земји се препорачани заеднички чествувања на св. Кирил и Методиј, св. Климент, св. Наум и цар Самуил, како и препораки за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Република Северна Македонија и петти клас во Република Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото.
Целта на состаноците, како што велат од Комисијата, е да се изврши денационализација и деполитизација на минатото. Комисијата е формирана на паритетна основа за решавање на историските и образовни отворени прашања, во согласност со член 8 став 2 од Договорот за добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, потпишан на 2 август 2017 година. Има по седум члена од двете држави, претседател од македонска страна е Драги Ѓоргиев, а од бугарска Ангел Димитров – првиот амбасадор на Бугарија во земјава.
Премиерот Зоран Заев вчера имаше средба со македонските историчари, членови на Комисијата. Разговорите беа во рамки на тековните консултации во однос на работата на Комисијата пред денешната средба со нивните бугарски колеги во Охрид. На средбата беше истакнато дека Владата останува посветена на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, како и на негувањето на дијалогот и градење на заеднички консензус за сите прашања од делокругот на работа на Комисијата.
Ново на Сител
-
Работниците ширум Европа и Азија бараат поголеми работнички права на првомајските демонстрации
-
Почнува уписот на првачиња за учебната 2024/2025 година
-
Максим дебитираше во ВАКО-ПРО со победа
-
Извонредна организација на АФН-9 ВАКО-ПРО кик бокс настанот во Скопје
-
ДС: Само силен синдикат е гарант за работничките права
-
Притвор од 30 дена за жител на Сопиште, пронајдена дрога во неговиот дом
-
Ковачевски: Нека ни е честит 1 Мај, СДСМ секогаш била на страната на работниците
-
Мицкоски: Работничките права се прекршени, државата не води грижа за тие кои се р`бетот на економијата