Македонија
15. February 2018 - 13:11

Османи: Со дебата во медиумите нема да помогнеме во решавање на прашањето на името

Постои придвижување и не гледам друга алтернатива во однос на решавањето на прашањето за името. Клучно за успехот на овој процес е дебатата да не се одвива преку медиуми, изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи  пред отворањето на Националната трилатерална конференција „Евроинтеграцијата на Македонија и иднината на Европската унија“.

Тој препорача дека ова се однесува и за, како што вели, пријателите од грчката страна и за нашите претставници.

- На ниту еден начин нема да му помогне на процесот преку дебата во медиумите. Затоа треба да ја држиме оваа дебата во рамки на преговарачките тимови, а во моментот кога ќе имаме начелно некоја согласност, тогаш можеме да излеземе во јавноста и да побараме мислење од граѓаните и од другите општествени слоеви, рече Османи.

Тој потврди дека од седум точки во преговорите, три се полесни, а четири се потешки, меѓутоа, додаде, ако сега почнуваме да лицитираме, дебатираме и да испраќаме пораки, тоа е моделот за неуспех.

- Не велам дека во еден момент нема да излеземе со сите опции, но процесот се уште не е зрел за да можеме да го изложиме во јавноста. Тие што се обидуваат сега да наметнат различни теми за ова прашање што не се суштествени, се обидуваат да му одмогнат на процесот, а верувајте дека има сили кои не сакаат Македонија да го затвори прашањето и да успее, посочи Османи.