Македонија
26. January 2017 - 14:12

Отчет на градоначалникот на општина Зрновци

Градоначалникот на општина Зрновци Блаже Станков денеска на прес-конференција даде отчет за сработеното во минатата година и ги најави проектите за годинава.

- Изминатата 2016 година за општина Зрновци беше плодна, исполнета со многу работа и со бројни постигнати резултати. Проектите од областа на социјалната, комуналната, урбанизмот и животната средина, туризмот и патната инфраструктура дадоа белег на 2016 година. Ова не значи дека и другите сфери од нашето живеење не биле во нашиот фокус, истакна Станков.

Од реализирани проекти во 2016 година ги наброја регулацијата и уредувањето на речното корито на река Видовишка, изградени два моста за моторни возила на река Видовишка, изграден парк во село Видовиште во чии рамки е и оградувањето на новоизградената црква „Св. Климент“, која беше и осветена, парк – плоштад, фекална канализација и асфалтирање на ул. „Димче Петров“ во село Мородвис, партерно уредување на археолошкиот локалитет „Црквиште“, како и целосна реконструкција на општинската зграда.

Од проектите на кои се работи Станков ги посочи изградбата на  градинката во село Зрновци, која се очекува да биде пуштена во употреба во април годинава, изградба и уредување на речното корито на река Зрновка, втора фаза, со што, како што рече, ќе има целосна изградба на речното корито долж селото.

Паралелно со ова се гради мостот на реката Брегалница којшто треба да биде готов до средина на годинава.

За годинава Станков најави реализација на повеќе проекти меѓу кои: проширување на патот Зрновци-Грдовци во должина од 400 метри, со изградба на пешачки патеки од двете страни и бетонирање на земјената вада која се протега покрај патот, како и на патиштата од село Мородвис до локалитетот „Црквиште“ и од фудбалско игралиште Зрновци до местото викано Малеово. Се планира и промена на секундарната водоводна мрежа во село Зрновци, реконструкција на Домот на култура во село Видовиште и асфалтирање на неколку улици во село Зрновци и и на една во село Видовиште.