Свет
8. October 2015 - 8:24

Палестински милитанти извршија три нови напади врз Израелци

Тројца Израелци беа нападнати со нож од страна на палестински милитанти во три одвоени инциденти на три локации во Израел, придонесувајќи за натамошната ескалација на насилството во регионот.

Израелските безбедносни власти соопштија дека нападите се случиле во Ерусалим, Киријат Гат на југот од земјата и во градот Петах Тиква.

Во овие инциденти еден Палестинец е убиен, откако нападнал израелски војник, а 18-годишна Палестинка е тешко ранета. Таа од зад грб се обидела да убие еден 30-годишен Израелец, кој поминал со полесни рани во грбот, па во самоодбрана пукал од својот пиштол врз Палестинката.

Во третиот инцидент, што се случил пред еден трговски центар, напаѓачот не успеал да побегне по нанесените убоди врз телото на едно 25-годишно израелско момче, затоа што бргу бил уапсен од припадници на безбедносните сили.

Овие напади доаѓаат само четири денови по убиството со нож на двајца Израелци, во стариот дел од Ерусалим.

Минатиот четврток, една млада брачна двојка беше убиена, откако Палестинци пукаа врз нивниот автомобил, во кој беа и нивните четири деца, додека патувале кон својот дом на Западниот Брег.

Изрелската полиција тврди дека петмина уапсени припадници на милитантната палестинска организација Хамас, признале дека учествувале во нападот.

Полицијата потврди дека десетици млади Палестинци се судриле со безбедносните сили на Западниот Брег. Израелските медиуми пишуваат дека такви судири имало и во реонот на Рамалах, Наблус, Витлеем и Ерихон.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанијаху, кој денеска требаше да престојува во Берлин на разговори со германскиот канцелар Ангела Меркел, ја откажа посетата на Германија. Од неговиот кабинет е соопштено дека Нетанијаху сака одблизу да го надгледува развојот на ситуацијата во Израел.